ДУИ одлучи сегашниот претседател на Собранието, Талат Џафери, да биде предложен за мандатар на техничката влада / Photo: AA

Претседателот на Собранието и премиерот на Северна Македонија утре ќе поднесат оставки како дел од подготовките за парламентарните избори што треба да се одржат на 8 мај оваа година.

Ова го изјави претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, во изјавата за медиумите по денешниот брифинг.

Во согласност со Пржинскиот договор, постигнат во јуни 2015 година за да се реши тогашната политичка криза во земјата, редовната Влада поднесува оставка и 100 дена пред денот на изборите се избира техничка влада што треба да ги спроведе изборите.

Одредбите од Пржинскиот договор се дел од Законот за Влада, каде што меѓу другото се предвидени неколку министерски и заменик-министерски функции за опозицијата. Во декември 2023 година политичките лидери во Северна Македонија се согласија за датумите за одржување на претседателските и парламентарните избори. Првиот круг на претседателските избори е договорено да биде на 24 април 2024 година, а вториот круг на претседателските избори да се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај 2024 година.

Во изјавата за медиумите Џафери рече дека имајќи ја предвид специфичноста на избор на техничка влада, како продукт на Пржинскиот договор, роковите за избор на нова влада се скратени и не се како редовните рокови за постапување.

„Претходно, во координација и во согласност со премиерот, имавме средба и определивме рамковни рокови. Така што, имајќи ги предвид обврските што завршуваат со денешниот ден околу меѓународната конференција во нашава земја, договоривме од утре да настапат роковите за поднесување оставки и за отворање пат за одржување седница за констатирање на оставките, значи на престанокот на функциите на Владата и на претседателот на Собранието“, рече Џафери.

Тој рече дека откако актуелниот премиер Димитар Ковачевски ќе поднесе оставка, треба да се извести претседателот на државата дека Владата е во оставка.

Џафери изјави дека во петок Собранието треба да ја констатира оставката на Владата и очекува истиот ден претседателот на државата да го додели мандатот.

Според договорот меѓу владините партнери СДСМ и ДУИ, последните 100 дена премиерот треба да биде од редовите на ДУИ. Оваа партија одлучи токму сегашниот претседател на Собранието, Талат Џафери, да биде предложен за мандатар на техничката влада, кој поради оваа причина треба да поднесе оставка од актуелната функција.

„Ова, со оставките, би почнало утре, 25 јануари, ќе продолжи на наредната седница на 26 јануари со избор на претседател на Собранието, доделување мандат, претпоставувам на 26 јануари од страна на претседателот на државата, поднесување предлог-програма и предлог-состав на Владата на 27 јануари до Собранието и со тоа се отвора пат да се свика нова седница на 28 јануари на која би се избрала техничката влада“, рече Џафери.

Прашан околу составот на новата влада, односно за учеството на опозицијата во техничката влада, Џафери кратко изјави дека „владата ќе биде во согласност со Уставот и законот“.

TRT Balkan / агенции
Популарни