Лајчак најпрвин оствари билатерални средби со двете делегации, а потоа меѓусебно се сретнаа претставниците на двете земји / Photo: AA

На покана на специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, техничките делегации на Косово и Србија денеска во Брисел разговараа за забраната за употреба на српскиот динар на Косово.

Европскиот претставник Лајчак по средбите истакна дека ова е важен, прв чекор, но дека ќе бидат потребни дополнителни средби.

„Ја поздравувам посветеноста на двете страни да изнајдат трајно решение за заедниците засегнати од последниот декрет на Централната банка на Косово (ЦБК). Денешниот состанок за дијалог беше важен прв чекор, но многу политички прашања остануваат неодговорени. Ќе бидат потребни дополнителни состаноци“, напиша Лајчак.

Лајчак најпрвин оствари билатерални средби со двете делегации, а потоа меѓусебно се сретнаа претставниците на двете земји. Во косовската делегација беа претставници на Централната банка на Косово, предводена од гувернерот Ахмет Исмаили.

Како што соопштија од ЦБК, Регулативата на Централната банка не била доведена во прашање или оспорувана, но, сепак, била изразена одредена загриженост за потенцијалното влијание врз косовските граѓани од српската заедница.

„ЦБК детално ги разработи можните технички решенија за пренос на средства преку банкарски канали со цел да го олесни изборот на најлесната опција за процесот на префрлање средства на кориснички сметки во евра, согласно законските прописи во сила“, се наведува во соопштението.

Се додава дека делегацијата на Централната банка на Косово, на предлог и во организација на ЕУ, се сретнала и со техничката делегација на Министерството за финансии на Србија, со која разговарале за опциите што ги презентирала ЦБК и расправале за леснотијата на нивното спроведување во пракса доколку постои волја од страна на испраќачот, без промена на важечката законска рамка.

Регулативата на ЦБК, која беше донесена на крајот на декември минатата година, стапи на сила на 1 февруари годинава. САД и ЕУ побараа да се суспендира евро-регулативата додека не се најде алтернатива за исплата на плати, пензии, социјални и други надоместоци од Република Србија, кои пристигнуваат во евра.

AA
Популарни