Дискусијата меѓу Белград и Приштина ќе продолжи, најави специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог, Мирослав Лајчак, откако во Брисел се состана со главните преговарачи на Косово и Србија, Бесник Бислими и Петар Петковиќ.
Лајчак во врска со средбата изјави дека во текот на уште една рунда преговори станало збор за понатамошниот пат за имплементација на Договорот од 27 февруари и дека цел на средбата било разјаснување на отворените прашања.
„Дискусијата ќе продолжи“, напиша Лајчак на Твитер.
Лајчак прво одржа билатерални средби со Бислими и Петковиќ, а потоа се одржа и трилатерален состанок.
Бислими, заменик-премиер на Косово задолжен за европски дијалог, по состанокот изјави дека резултатите не требало да се очекуваат истиот ден.
„Тоа е почеток на разговори за да бидеме на чисто каде сме со процесот и во кој правец сакаме да одиме, но не дека денес очекувавме да завршиме кој било од овие процеси“, рече Бислими.
Одговарајќи на прашањата на новинарите во врска со дневниот ред, Бислими рекол дека сѐ е во врска со спроведувањето на Основниот договор од 27 февруари.
„За нас централен дел беше редоследот и на Лајчак му го изнесовме нашиот предлог, во кој имаше многу наши примедби“, истакна Бислими, додавајќи дека Косово сака да се увери дека секој член од Основниот договор е застапен во активностите за неговата примена.
Според неговите зборови, српската страна не пратила никаков предлог и била заинтересирана само за делот во врска со формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово.
Бислими рече и дека на средбата не станало збор за ситуацијата во северниот дел на Косово.
Тој нагласи дека и Лајчак за време на посетата на Приштина на 11 мај ги донел документите, како што е нацртот, како треба да изгледа задачата за Заедничката комисија што се занимава со следење на Основниот договор, нацрт-документот за задачата на Заедничката комисија за исчезнатите лица и методологија за тоа како тој ја гледа понатамошната работа околу имплементацијата на точка 7 од Основниот договор.
„Првите два документа што ги споменав пристигнаа во четвртокот и затоа беше невозможно да дојдеме до целосни одговори денес, но ветивме дека ќе ги доставиме до петок, откако ќе ги обединиме сите коментари на ангажираните. Во меѓувреме, што се однесува до методологијата, рековме дека не можеме да градиме методологија за една од точките на договорот, а да немаме план за целосна имплементација на договорот, па по тоа прашање воопшто не се разговараше“, рече потпретседателот на Владата на Косово, Бислими.
Тој наведе дека Лајчак прецизирал дека почетната точка на разговорите за примена на точка 7 од Основниот договор не го претставува приложениот нацрт-статус на Заедницата на општини со српско мнозинство, туку е само чин на претставување на тој нацрт.
Бислими рече дека српската страна изјавила дека не ги интересира Уставот на Косово, туку ги интересира само она што го добиле со Договорот од 2015 година.