Мицотакис е во Белград со четворица министри и голем број претставници на грчката бизнис заедница на Српско-грчки економски форум / Photo: TANJUG

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денеска во Белград изјави дека ставот на грчката влада за Косово останува непроменет и изрази уверување дека европското посредување и дијалог се единствениот начин за нормализирање на односите меѓу двете страни, што значително ќе помогне за стабилноста во регионот.

Мицотакис на заедничката конференција со Александар Вучиќ изјави дека претседателот на Србија го упатил на настаните во врска со дијалогот со Приштина.

„Знаете дека нашата позиција во однос на Косово останува непроменета и веруваме дека европското посредување и дијалог се единствениот начин за нормализирање на односите меѓу двете страни“ рече Мицотакис, нагласувајќи дека и Вучиќ сака да ја постигне таа стабилност.

Тој додаде дека Грција со загриженост ги следи настаните во последните месеци.

Мицотакис рече и дека Грција силно ја поддржува Србија на нејзиниот европски пат и дека многупати разговарал за прашањето за европското проширување во Брисел, бидејќи, како што рече, има европска иднина за Србија и Западен Балкан.

Србија и Грција да ги подобрат економските односи

Премиерот на Грција изјави дека дошол во Белград со четворица министри и голем број претставници на грчката бизнис заедница со цел Србија и Грција да ги подобрат економските односи во конкретни сектори и проекти, особено во областа на енергетиката и транспортот.

„Мислам дека имавме многу добри билатерални контакти, особено сме заинтересирани за поврзување на нашите земји во енергетскиот сектор и во транспортот“, рече Мицотакис на прес-конференцијата по тет-а-тет средбата Вучиќ пред Српско-грчкиот економски форум во Белград.

Тој оцени дека Србија и Грција се блиски не само поради географската близина, туку и затоа што заедно чекореле низ сите историски периоди.

„Секогаш кога сум во Белград се чувствувам како да сум дома и сакам да му се заблагодарам на претседателот Вучиќ за неговото исклучително гостопримство, но и за многу значајните разговори што ги имавме денес. Јас и моите колеги се чувствуваме многу добро, затоа дека гледаме напредок во нашите односи“, рече Мицотакис.

Tanjug
Популарни