Началник во претседателска фотелја: Бегај е новиот претседател на Албанија     Фото: АА

Бајрам Бегај, положи свечена заклетва во неделата и стана 8-ми претседател на Албанија по падот на комунистичкиот режим во земјата. Тој ја презеде функцијата од својот претходник Илир Мета, по свечената заклетва ја даде во албанскиот парламент.

Бегај беше избран за претседател на државата на гласањето одржано во албанскиот Парламент на 4 јуни. Тој по професија е вонреден професор од областа на медицината.

Претседателот Бегај е добитник на голем број медали за неговите достигнувања во армијата, каде ја извршуваше и функцијата началник на албанскиот Генералштаб.

Бегај победи на изборите како кандидат на Социјалистичката партија на Албанија, владејачката партија предводена од албанскиот премиер Еди Рама.

На гласањето тој доби 78 гласа во 140-члениот парламент. На гласањето немаше ниту „против“ ниту пак воздржани.

Новоизбраниот претседател на Албанија на гласањето учествуваше како единствен кандидат. Бегај не беше поддржан од пратениците на опозициската Демократската партија на Албанија.


Профил

Бегај е роден на 20 март 1967 година во регионот на Рогожина во Албанија.

Дипломирал на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Тирана во 1989 година и станал специјалист по медицина.


Тој во текот на својата кариера во албанската армија бил на различни позиции. За началник на албанскиот Генералштаб беше назначен во јули 2020 година.

По завршувањето на различни специјализации во областа на армијата и медицината во Албанија и во странство, Бегај, докторираше на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Тирана.


Има звање вонреден професор од областа на медицината, а доделени му се и голем број на медали за неговите достигнувања во армијата.

Во Албанија, парламентот го избира претседателот, а неговиот мандат трае 5 години. Едно лице може да биде избран за претседател само два пати. Според уставот на Албанија, претседателот не може да извршува никаква друга јавна функција, не може да биде партиски член или да врши некоја приватна дејност.

AA
Популарни