Буџетот на земјите членки на НАТО посветен на одбраната продолжува значително да расте во споредба со претходните години. Војната во Украина и глобалната закана за мирот се очекува да влијаат на дополнителното зголемување на трошоците за одбрана.
Според извештајот на Северноатлантската алијанса, вкупните трошоци за одбрана на 30-те земји членки во 2022 година се очекува да достигнат речиси 1 билион и 190 милијарди долари. Ова претставува зголемување од повеќе од 33 милијарди долари во споредба со претходната година, кога се проценуваше дека трошоците биле 1 билион и 155 милијарди долари.
Но, колку трошат балканските земји кои се дел од НАТО? ТРТ Балкан ви пренесува анализа на трошоците за одбраната, врз основа на извештајот на Алијансата.
Хрватска ја надмина препораката на НАТО
Од земјите од Западен Балкан, Хрватска е најголемиот воен потрошувач, но не само по процент од Бруто домашниот производ наменет за одбраната, туку и според вкупната издвоена сума. Во 2022 година се очекува Загреб да потроши 1,4 милијарди долари во одбранбениот сектор. Во однос на Бруто домашниот производ, трошоците за одбрана на Хрватска се околу 2,03% од БДП. Така, Хрватска ја надминува препораката на НАТО, најмалку 2 отсто од БДП да се распредели за одбраната.
Помали трошоци во Северна Македонија и Албанија
Останатите три земји од Западен Балкан, Северна Македонија, Албанија и Црна Гора не го достигнуваат препорачаниот параметар. Северна Македонија троши за одбрана 1,78% од Бруто домашниот производ, Црна Гора 1,75%, додека Албанија само 1,62%.
Во вкупна сума, Албанија годинава се очекува да потроши 293 милиони долари за војската. Северна Македонија 247 милиони долари и Црна Гора 107 милиони долари.
Сите четири земји имаат раст во однос на претходната година. Во 2021 година, Хрватска потрошила 1,36 милијарди долари, Албанија 224 милиони долари, Северна Македонија 204 милиони долари и Црна Гора 91 милион долари.
Најголемите трошоци одат за платите
Платите во одбранбениот сектор го сочинуваат најголемиот дел од расходите на балканските земји. Хрватска троши 54,6 отсто од буџетот за одбрана на плати, 30,5 отсто за воена опрема, 11,8 отсто за операции и одржување и 3,2 отсто за инфраструктура.
Платите за армијата и одбранбениот персонал на Албанија сочинуваат 46,6 отсто од буџетот за одбраната. Албанија троши околу 22 отсто од буџетот за операции и одржување, 20 отсто за воена опрема и 11,4 отсто за инфраструктура.
Во Северна Македонија, платите сочинуваат 40,4% од вкупните трошоци за одбрана. Скопје ќе потроши 31,1 отсто од овој буџет за воена опрема, 25,6 отсто за операции и одржување и 2,9 отсто за инфраструктура.
Црна Гора, пак, издвојува 53 отсто од буџетот за одбрана за плати. Подгорица троши 25 отсто од буџетот за одбрана на воени средства, 14,8 отсто за операции и одржување и 7,2 отсто за инфраструктура.
Хрватска со најголема војска на Западен Балкан
Со воен персонал од 15.200 војници, Хрватска ја има најголемата војска од 4-те земји од Западен Балкан кои се членки на НАТО.
На второ место е Албанија со 6.600 војници, а по неа е Северна Македонија со 6.200 војници. Црна Гора има само 1.700 војници, покажуваат податоците од извештајот на НАТО.
Инаку, Соединетите американски држави ја имаат најголемата армија од земјите членки на НАТО со над 1,3 милиони војници. Втора е Туркије со 439.000 војници. Туркије има поголема армија од Франција и Германија заедно, кои имаат 207.000, односно 184.000 активни војници.