Притворот за Груби и Бајрами ќе почне веднаш по нивно пронаоѓање односно лишување од слобода / Photo: Основен кривичен суд Скопје

Скопскиот Кривичен суд го прифатил барањето на Јавното обвинителство за определување на мерка притвор на двајцата осомничени во случајот со Државната лотарија, поранешниот вицепремиер Артан Груби и ексдиректорот на Државна лотарија Прпарим Бајрами, кои се надвор од државата.

„По добиено известие од надлежното МВР, дека двете лица за кои Јавното обвинителство предложи мерка притвор од нивно пронаоѓање односно лишување од слобода, а поврзани со истрагата за Државна лотарија, се недостапни за органите на прогон, донесе решенија со што го прифати предлогот на Јавното обвинителство и им определи мерка притвор од траење од 30 дена“, соопштуваат од Кривичниот суд.

Од Судот претходно информираа дека е прифатен предлогот на ОЈО за определување мерки за претпазливост против други четири лица кои се опфатени со истрагата поврзана со „Државна лотарија на РСМ“, за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 од КЗ.

„Четворицата во текот на ноќта беа сослушани во судот, судија на претходна постапка донесе решенија со кои го прифати предлогот на ЈО и на сите 4 лица им определи мерки согласно чл. 146 ст.1 т. 2 и т.3 односно Одземање на патна исправа и Обврска за повремено јавување на службено лице во судот“, рекоа од судот.

Судот одлуката ја донесе врз основа на предлогот на Обвинителството, кое оцени дека постои основан ризик од бегство на осомничените или од нивно влијание врз текот на истрагата.

МВР денеска ја објави кривичната пријава против поранешниот премиер Димитар Ковачевски за криминалот во АД Државна лотарија, откако вчера Основното јавно обвинителство Скопје покрена истрага за проневера во компанијата против шестмина осомничени, поранешниот директор на Лотарија, Прпарим Бајрами, поранешниот вицепремиер Артан Груби и четворица членови на комисии за јавни набавки.

Дека и Ковачевски, како и генералниот секретар на Владата Методија Димовски се дел од кривичната по која постапувало ОЈО потврди вчера министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Од обвинителството, пак, денеска информираа дека кривичната пријава за Ковачевски и Димовски не е отфрлена и дека се проверуваат наодите.

Според истражните органи, осомничените незаконски формирале Друштво за организирање електронски игри на среќа- Нова Државна Видео Лотарија и набавиле предвидел набавка на видеолотариски терминали во вредност од 615.000.000 денари, кои никогаш не биле употребени.

TRT Balkan
Популарни