Мирно и без инциденти заврши осмиот протест на граѓаните и активистите вчера во Белград на кој бараа поништување на изборите на сите нивоа, а за утре е најавен нов собир.
Протестот, кој започна пред седиштето на Републичката изборна комисија (РИК), заврши пред зградата на Полициската управа за град Белград.
Протестот по осми пат го организира најголемата опозициска коалиција „Србија против насилството“ (СНП). Причина за собирите се тврдењата на опозицијата за изборни нерегуларности на владејачката Српска напредна партија (СНС) на изборите на 17 декември, што партијата и претставници на државниот врв ги демантираат.
Учесниците пешачеа до Полициското одделение за Град Белград за да побараат ослободување на уапсените за време на протестот на 24 декември пред зградата на Собранието на Град Белград.
Во текот на денот од 11 до 18 часот протестираа студентите кои барајќи отворање на избирачкиот список најпрвин ја блокираа улицата Бирчанинова во близина на Министерството за државна управа и локална самоуправа, потоа улицата Књаз Милош, како и улица Немањина во близина на Владата на Србија.
Вечерашниот протест пред зградата на РИК беше организиран ден по инцидентите пред собранието на град Белград во непосредна близина на зградата во која се наоѓа РИК.
Дел од маскираните за време на протестот во неделата фрлаа камења кон градското собрание, а во таа прилика беа искршени прозорците и влезните врати.
Припадниците на Полициската бригада го напуштија Градското собрание и направија барикада, по што демонстрациите беа разбиени.
Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека 38 учесници на протестот се уапсени, додека седум полицајци се повредени во конфликтот меѓу полицијата и демонстрантите.
Граѓаните масовно се собраа пред РИК и изминативе денови.
Поради бројни нерегуларности на изминатите избори, потпретседателката на Партијата за слобода и правда (СПП) Мариника Тепиќ пред осум дена штрајкуваше со глад, потоа ѝ се придружија пратеничките Јелена Милошевиќ и Данијела Грујиќ, а потоа и лидерот на Движењето за промени (ПЗП) Јанко Веселиновиќ и Жељко Веселиновиќ, претседател на Обединетите синдикати на Србија „Слога“.
Опозицијата протестира по изборите на 17 декември, обвинувајќи ја владејачката Српска напредна партија (СНС) за изборна кражба, вклучително и фиктивно регистрирање на нејзините гласачи од Србија и од странство на адреси во Белград.
Нов собир е најавен за денеска во 18 часот, повторно пред зградата на Републичката изборна комисија.