Утре во Хрватска ќе се одржи првиот од трите изборни циклуси најавени годинава, а тоа се парламентарните избори, 11-ти по ред од прогласувањето на независноста во 1991 година.
Хрватска е поделена на 12 изборни единици, со тоа што во 10 се избираат 140 пратеници, додека во 11-та дијаспората избира тројца пратеници.
Во 12-та изборната единица членовите на малцинските народи избираат осум пратеници, од кои три мандати ѝ припаѓаат на Самостојната демократска српска партија (СДСС).
На изборите учествуваат 165 кандидатски листи, од кои 95 се независни партиски листи, 56 отсто од кандидатите се мажи, а 44 отсто жени.
Во избирачкиот список запишани се 3.733.283 гласачи.
Избирачките места ќе се отворат во 7 часот, а ќе се затворат во 19 часот, кога ќе престане да важи изборниот молк, кој стапи на сила на полноќ.
Изборите ќе ги следат вкупно 5.333 набљудувачи, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
За следење на работата на изборните комисии и избирачките одбори на избирачките места во Хрватска се пријавени 5.246 набљудувачи.
Регистрирани се 87 набљудувачи за следење на работата на избирачките одбори на избирачките места во странство, објавено е на веб-страницата на ДИК.
По парламентарните следуваат изборите за Европскиот парламент, кои претседателот на Републиката Зоран Милановиќ ги најави за 9 јуни, а на крајот на годината и изборите за претседател на државата, ако актуелниот шеф на државата не поднесе оставка во во меѓувреме, бидејќи претендира на премиерската функција во новата хрватска влада.