На гробиштата на Меморијалниот центар Сребреница - Поточари беа извршени погребната молитва и погребот на 14 жртви на геноцидот извршен во летото 1995 година на подрачјето на Сребреница.
Илјадници луѓе утрово пристигнаа во Поточари каде што им оддадоа почит на жртвите на геноцидот извршен врз мажи и момчиња во 1995 година.
Погребната молитва во Поточари ја предводеше Хусеин еф. Кавазовиќ, реис-ул-улема на Исламската заедница во Босна и Херцеговина.
По погребната молитва семејствата, пријателите и соседите ги носеа ковчезите со посмртните останки до местото на погребот.
Најмладата жртва што годинава беше погребана на колективниот погреб е седумнаесетгодишниот Бериз (Омер) Мујиќ, роден 1978 година во Зворник. Неговите останки беа пронајдени 28 години по смртта, тие беа ексхумирани дури минатата година, во мај 2023 година. Тој беше убиен во јули 1995 година, а беше погребан до неговиот брат Хазим.
Најстарата жртва што денес беше погребана на колективниот погреб е Хамед (Ибрахим) Салиќ, роден 1927 година. Имал 68 години кога исчезнал во летото 1995 година во областа Жепа. Неговите посмртни останки беа ексхумирани на локалитетот Слап во Жепа во мај 2014 година.
Оваа година заедно беа погребани браќата Ефендиќ - Хасиб и Ќамил. Нивните останки беа ексхумирани од различни гробници во областа Сребреница, Кула и Поточари во 2011 и 2006 година. Последниот мир годинава го најдоа со третиот брат Едхем, кој беше погребан во Поточари во 2007 година.
На 11 јули годинава на гробиштата на Меморијалниот центар Сребреница - Поточари беа погребани: Хасиб (Узејир) Ефендиќ, роден 1931 година, Чамил (Узејир) Ефендиќ, роден 1928 година, Мехмед (Даут) Крџиќ, роден 1961 година, Сабрија (Асим) Омиќ, роден 1966 година, Мушан (Рамо) Шиљковиќ, роден 1956 година, Сакиб (Рагиб) Харбаш, роден 1975 година, Бериз (Омер) Мујиќ, роден 1978 година, Ахмет (Исмет) Јашаревиќ, роден 1971 година, Неврес (Мехмед) Салиховиќ, роден 1970 година, Ибрахим (Мухарем) Салкиќ, роден 1935 година, Мидхат (Адем) Башиќ, роден 1973 година, Хајдин (Кадрија) Мустафиќ, роден 1959 година, Латиф (Ариф) Манџиќ, роден 1964 година и Хамед (Ибрахим) Салиќ, роден 1927 година.
Во Комеморативниот центар во Тузла има посмртни останки на уште 11 жртви на геноцидот што досега беа идентификувани со методот на ДНК, но семејствата сѐ уште не дале согласност за погребување, главно поради тоа што телата не се целосни.
Меморијалниот центар Поточари беше официјално отворен на 20 септември 2003 година од страна на поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, Бил Клинтон. Досега во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари се погребани 6.751 жртва на геноцидот, а на локалните гробишта со одлука на преживеаните членови на семејството се погребани 250 жртви.
Жртвите потекнуваат од различни општини, повеќето од подрачјата на Сребреница, Братунац, Власеница, Зворник и Милиќ. Жртвите на геноцидот се пронајдени на 150 различни локации, од кои 77 се масовни гробници. Најмладата жртва досега погребана во Поточари е новороденчето Фатима Мухиќ, а најстарата е Шаха Измирлиќ, родена 1901 година.
Сѐ уште се трага по повеќе од илјада жртви на геноцидот.
Кривични дела и пресуди
Хашкиот трибунал, Судот на Босна и Херцеговина и правосудството во Србија и Хрватска досега осудиле вкупно 54 лица на 781 година и пет доживотни затворски казни за геноцид, злосторства против човештвото и други злосторства извршени во Сребреница во јули 1995 година.
Од тоа, Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (МКТЈ) во Хаг осуди 18 лица за геноцид и други злосторства извршени во Сребреница, кои беа осудени на пет доживотни казни и 219 години затвор.
Ратко Младиќ, Радован Караџиќ, Здравко Толимир, Вујадин Поповиќ, Љубиша Беара се осудени на доживотен затвор за геноцид, а Радислав Крстиќ и Драго Николиќ се осудени на 35 години затвор.
МКТЈ осуди 11 лица за други злосторства во Сребреница.
Судот на Босна и Херцеговина осуди 27 лица на вкупно 446 години затвор за геноцид и други злосторства извршени во Сребреница. Четиринаесет лица се осудени на вкупно 243 години затвор за геноцид, а 14 лица се осудени на 221 година затвор за други злосторства извршени во Сребреница, објави Детектор.ба.
Правосудство на Србија и Хрватска
Во Србија пет лица се осудени на вкупно 68 години затвор за злосторствата во Сребреница, од кои четворица поранешни припадници на единицата „Скорпион“ се осудени за убиства на жителите на Сребреница во Трново.
Во Хрватска се осудени двајца поранешни членови на „Скорпион“ на по 15 години затвор.
Освен тоа, десет обвинети за геноцид и други злосторства извршени во јули 1995 година во Сребреница во моментов се недостапни за правосудството во БиХ.