Проирански хакери осомничени за кибер нападот во Албанија

Со кибер напад привремено беа затворени албанските јавни сервиси и веб-страниците на владата на Албанија на 17 јули. Националната агенција за информатичко општество соопшти дека се работи за сајбер напад надвор од Албанија.

Американската компанија „Мандијант“ (Mandiant) објави дека кибер нападот можеби е дело на проирански хакери кои имале за цел да ја нарушат конференцијата на иранска опозициска група во Албанија.

Групата „Homeland Justice“ ја презеде одговорноста за кибер нападот чија цел беше да се попречи конференцијата што требаше да се одржи на 23 и 24 јули од страна на иранската опозициска група Муџахедин-е-Калк (Muxhahedeen-e-Khalq), но која беше откажана по предупредувањата од локалните власти за можна терористичка закана. Во кампот требаше да се одржи Светскиот самит на Слободен Иран, а меѓу гостите имаше и американски претставници.

„Овој настан претставува активна закана за јавните и приватните организации во другите земји-членки на НАТО. Бидејќи преговорите околу иранскиот нуклеарен договор се заглавени, тоа покажува дека Иран може да биде помалку воздржан во извршувањето на кибер напади понатаму“, соопшти американската компанија.

По кибер нападот премиерот Рама истакна дека благодарение на работата на албанско-американски тим не е избришан ниту еден податок.

Со години во областа Манза на периферијата на Тирана, во Албанија, се наоѓа кампот „Ашраф“, каде престојуваат околу три илјади членови на иранската опозиција во емиграција.

TRT Balkan / агенции
Популарни