Рама и се заблагодари на Мелони за поддршката на патот кон ЕУ / Photo: AA

Спроведувањето на договорот за илегална миграција и подготовките на центрите за управување со имигранти во областа Лежа беа главните теми на средбата меѓу премиеите на Албанија и Италија Еди Рама и Џорџа Мелони која денеска се одржа во Албанија.

Мелони и Рама извршија увид во камповите во Шенѓин и Гјадер направени во рамки на договорот меѓу двете земји кој предвидува Албанија да биде дестинација на илјадници баратели на азил кои патуваат во Италија.

Осврнувајќи се на договорот, Рама нагласи дека Албанија е горда што може да овозможи ваков вид на помош во тешки моменти не само за Италија туку и за цела Европа.

„Можам да кажам дека сум горд на Албанија што може да и помогне на Италија. Италија беше корисна и ѝ помогна на Албанија многу пати. Да го направиме ова со срце и со убедување дека морето меѓу Италија и Албанија не е простор што не разделува, туку е простор што нè обединува“, рече Рама.

Рама рече дека Италија отсекогаш била најважниот застапник на интересите на Албанија во Брисел.

„Морам да и се заблагодарам на премиерката на земјата со која сме неразделно и неизбришливо поврзани, за сета наклонетост и сета добра волја што ја покажа додека ја придружуваше Албанија на нејзиниот пат кон Европската унија“, рече Рама.

Мелони нагласи дека Италија работи на формирање два центри во Албанија, за прием и центар каде што ќе бидат згрижени. Таа потврди дека двата центри ќе бидат во функција од 1 август.

„Нашите две земји се две пријателски земји кои историски соработуваа заедно. Би сакала уште еднаш да му се заблагодарам на премиерот Рама и на целиот албански народ за можноста и помошта што ни ја дадоа за да го реализираме овој договор. Се надевам дека ќе биде пример и за целата Европска унија“, рече Мелони.

Таа рече дека договорот се заснова и на борбата против трговијата со луѓе и илегалната имиграција.

„Всушност, албанската влада не направи ништо друго освен што и помогна на италијанската влада. И претходно, историјата на Албанија покажа дека имала искрена желба да биде дел од ЕУ и да ги избере сите тие можности за соработка, а никогаш не и недостасувале“, рече Мелони.

Италијанската премиерка рече дека Албанија е пријателска земја на Италија и на Европската унија, бидејќи според неа, Албанија веќе се однесува како да е полноправна членка на ЕУ. Мелони додаде дека Италија секогаш ќе биде силен поддржувач на членството на Западен Балкан во ЕУ.

На 6 ноември 2023 година беше потпишан протокол за соработка меѓу Албанија и Италија за зајакнување на соработката по прашањето на имиграцијата.

Протоколот предвидува формирање на прифатни центри за илегални имигранти во Албанија. Според Владата на Албанија, овој протокол има за цел да ја зајакне билатералната соработка за управување со миграциските текови од трети земји, во согласност со меѓународното и европското право.

Според протоколот, надлежните албански органи дозволуваат влез и престој на албанска територија на имигранти, со единствена цел спроведување на гранични процедури или репатријација.

TRT Balkan / агенции
Популарни