Самит на Кримската платформа во Загреб: Хрватска со поддршка за Украина     Фото: АА

Претседателот на хрватскиот Сабор Гордан Јандроковиќ и претседателот на украинската Врховна Рада, Руслан Стефанчук, во Загреб го отворија првиот парламентарен самит на Кримската платформа, овогодишниот најголем состанок во живо на претседателите на парламентите.

Најдроковиќ и Стефанчук ги дочекаа шефовите на делегациите на Првиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа во аулата на Националната и универзитетска библиотека во Загреб.

Гордан Јандроковиќ, претседателот на хрватскиот Сабор, рече дека Хрватска е горда што може заедно со Украина да го организира овој самит во Загреб.

„Силата и постојаноста на украинскиот народ денес во светот е предмет на восхитување“, рече Гордан Јандроковиќ, додавајќи дека духот на украинскиот народ силно потсети на духот на хрватскиот народ од пред триесетина години.

Истакна дека не треба да зачудува посебен хрватскиот сензибилитет за украинската борба, ниту нивната желба да помогнат, хуманитарно, финансиски, технички, политички и во секоја друга смисла.

„Денешната меѓународна положба на Република Хрватска покажува дека и по најтешките страдања можно е да се оди силно напред“, рече Јандроковиќ.

Тој потсети дека руските постапки доведоа до тоа да две земји поднесат барање за членство во НАТО, а дека никој не би смеел да има дилеми на која страна да застане во овој судир.

Смета дека Русија покажува знаци на очај, а дека целиот свет го гледа херојството на украинскиот народ.

„Да не престануваме со помош на Украина до конечна победа“, рече Јандроковиќ.

Претседателот на украинскиот парламент Руслан Стефанчук изрази задоволство што е во Загреб со украинската амбасада, каде како што рече, почувствувал топол пречек. Како што рече, сигурен е дека состанокот ќе биде плодотворен.

„Ние го следиме вашиот пат драги учесници. Голема е застапеноста на Украина на овој собир. Иницијативата која ја покрена претседателот Зеленски е општоприфатена и географски се шири. Вие парламентарците ја прифативте парламентарната димензија. Патот на парламентарната платформа, не само во смисла на Украина, туку и меѓународно безбедносните цели, а тоа е деокупацијата на полуостровот Крим и враќање под украинскиот интегритет“, рече Стефанчук.

Тој рече дека Украина поминува низ најлоши времиња во својата историја и изрази уверување дека неговиот народ на крај ќе успее.

„Оваа платформа говори за враќање на Крим на Украина. Не говориме само за окупираната територија, туку говориме за тоа што ќе се случи потоа. Врховната Рада на Украина работи на тоа да после војната успешно се реинтегрираат тие подрачја. Да се демилитаризира полуостровот, да се оневозможи понатамошен развој на се. Имаме визија на која и се неопходни движења. Верувам дека во иднината ќе го реализираме тој план. Украина сака мир“, рече Стефанчук.

Претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, изрази силна поддршка на Хрватска за Украина.

Како рече, конференцијата се одржува додека траат бруталните напади со дронови врз Украина, за да пред зимата извршат што поголема штета.

„Украинскиот народ покажа дека е силен и цврст, дека нема да дозволи да се удира неговиот идентитет, кога му се лепат етикети на нацификација, туку покажа решителност да се бори за својата слобода и својот територијален интегритет“, рече Пленковиќ.

Тој истакна дека денес од Загреб сакаат да испратат три пораки:

„Прва наша порака е јасно да кажеме дека Крим е Украина, дека Доњецк и Луганск се Украина. Втора порака е вие како парламентарци да дадете поддршка на вашите колеги во Врховната Рада, кои континуирано работат под напади, ја водат земјата во вака тешки околности кон европската иднина. Трето, се собравме за да испратиме силна порака на светскиот поредок кој се темели на меѓународното право, на начелата на глобалното управување“.

Пленковиќ смета дека да се биде на страна на Украина е морален и правен чин, додека спротивно значи да се биде против сите демократски начела.

„Затоа драги пријатели ние во Хрватска кои знаеме што е агресија, што е сила, особено ја цениме украинската борба за слобода. Драго ни е да Европа и светот не ги повторија грешките од пред 30 години кога ние како земја немавме ваква поддршка“, рече Пленковиќ.

На крајот рече дека „храбрите Украинци се морални победници“ и ги поздрави напредоците кои во изминатите месеци ги оствариле.

На Самитот, прв во живо од почетокот на пандемијата од Ковид-19, учествуваат многу претседатели на парламенти на земјите потписнички на Кримската платформа, како и други парламенти.

AA
Популарни