Северна Македонија домаќин на Конференцијата за комуникатори на НАТО     Фото: АА

Северна Македонија е домаќин на Конференцијата за комуникатори на НАТО на која учествуваат над 300 претставници на земјите членки и земји партнери на Алијансата.

На отворањето на конференцијата, која се одржува во Националната филхармонија во Скопје, свое обраќање имаа премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, помошничката на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија, Баиба Браже.

Исто така, свои видеообраќања имаа и командантот на Сојузничката команда за операции, генералот Кристофер Каволи и командантот на Сојузничката команда за трансформација, генералот Филип Лавињ.

Премиерот Ковачевски истакна дека Северна Македонија како НАТО-членка посветено придонесува кон колективната безбедност, вклучувајќи и преку помошта и поддршката за Украина.

Тој рече дека со воената инвазија врз Украина од страна на Русија и огромниот наплив на дезинформации околу неа, покажано е дека комуникациите можат да имаат сериозно разорно влијание и дека против таквото влијание мора да се дејствува.

„Борбата со дезинформациите е приоритет на кој работиме и меѓусекторски во Владата, но и партнерски со медиумските и граѓанските кругови. Само здружениот општествен пристап може да биде одговор бидејќи проблемот со хибридните дејствија е сложен и може да влијае врз целото општество“, нагласи Ковачевски.

Тој додаде дека точните и проверени информации кои се лесно достапни се ресурс во борбата против дезинформациите.

Помошничката на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија, Баиба Браже, во својот говор ја поздрави посветеноста на Северна Македонија за стабилност на Западен Балкан, и исто така, се заблагодари и за организацијата на конференцијата.

Таа им порача на учесниците во текот на конференцијата да учат едни од други и да градат врски. Зборувајќи за досегашната работа во текот на оваа година, Браже нагласи дека ја поддржале Украина и во делот на комуникациите, додавајќи дека оваа поддршка ќе продолжи.

„Сите ние треба да разбереме дека континуираното инвестирање во градење силни стратешки комуникациски способности е од суштинско значење. Тоа е иста способност како и другите одбранбени способности, но е и повеќе од тоа“, истакна Браже, нагласувајќи ја важноста од поседување силни комуникациски тимови.

И другите говорници ја поздравија конференцијата и на учесниците им посакаа успешна работа.

На конференцијата во Скопје ќе учествуваат околу 300 лица. Во рамките на конференцијата ќе бидат организирани неколку панели посветени на стратегиските комуникации, на што ќе претходат неколку работни групи во оваа област.

AA
Популарни