Судскиот совет на Кривичниот суд во Скопје го осуди на 20 години затвор скопјанецот Љ.К.(67) за убиството на еден од своите браќа и снаа во мај годинава во скопското село Стајковци.
За пресудата информираше Основното јавно обвинителство Скопје.
„Врз основа на поднесено обвинение од ОЈО Скопје и по спроведена судска постапка, Основниот кривичен суд Скопје денеска изрече првостепена пресуда со која Љ.К. од Стајковци го огласи за виновен и го осуди на казна затвор од 20 години за сторени две кривични дела- Убиство од член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик“, рекоа од ОЈО.
Обвинителството во јули годинава поднесе Обвинителен акт со кој обвинетиот го товареше дека на свиреп начин и при вршење семејно насилство на 14.05.2024 година со умисла ги лишил од живот сопствениот брат и снаата за другиот брат со кои имале претходно нарушени односи.
„По вербална расправија, тој со метална шипка која ја носел со себе започнал најпрво да ја удира жената, нанесувајќи и тешки телесни повреди од кои таа веднаш починала. Потоа од братот побарал да му даде клуч од гаражата, па кога тој одбил исто така го удрил со шипката повеќе пати во главата, нанесувајќи му смртоносни повреди“, велат од ОЈО.
Како што тогаш информираше МВР, снаата С.К.(57) и братот на убиецот В.К.(64) биле пронајдени на тераса и на скали во семејниот дом во Стајковци.
Лекар од Итна медицинска помош на местото констатирал смрт кај С.К., додека В.К. со повреди бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде што во подоцна починал.
Полицијата на местото го пронашла убиецот, кој имал убодни рани нанесени од нож, кој сам си ги нанел по убиството.
Сите тројца живееле во куќата, а С.К. била вдовица.