Собранието на Република Северна Македонија денеска треба да ја започне 19. седница на која на дневен ред се триесетина точки, меѓу кои избор на двајца членови на Државната изборна комисија, верификација на мандат на пратеник, избор на членови за собраниски тела и други органи, неколку закони по скратена постапка, во прво и во второ читање.
На седницата треба да бидат донесени одлуки за именување претседател, потпретседател, членови и заменици членови на Националниот совет за евроинтеграции, на Управниот одбор на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор, на Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надвор во втор степен, на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, на Комисијата за заштита на конкуренцијата и на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации.
На предложениот дневен ред се и измените на Законот за иновациската дејност, Законот за научно-истражувачката дејност, Законот за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење, Законот за ученичкиот стандард, Законот за студентскиот стандард, Законот за Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, сите по скратена постапка.
Пратениците треба да гласаат за Предлогот на закон за дополнување на Законот за концесии и јавно приватно партнерство, во прво читање, а ќе ги разгледаат и финансискиот план на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување за 2025 година, Предлог одлуката за согласност на Одлуката за висината на месечниот надомест што го наплатува Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување од пензиските друштва за 2025 година, Фискалната стратегија за 2025 - 2029 година, Предлог финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад за 2025 година, Предлог одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход и за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетиказа 2025 година во второ читање.
На 19. седница се и Предлогот на закон за изменување на Законот за меѓуопштинска соработка, во прво читање, како и предлозите на законите за изменување и дополнување на Законот за Националната развојна стратегија, за изменување и дополнување на Законот за Централен регистар, за дополнување на Законот за градежно земјиште и за изменување на Законот за земјоделското земјиште, сите по скратена постапка.