Србија и Албанија ќе соработуваат за заеднички настап на туристички пазари     Фото: 

Министерката за трговија, туризам и телекомуникации на Србија Татјана Матиќ и министерката за туризам и животна средина на Албанија Мирела Кумбаро Фурки разговараа во Белград за конкретни чекори на соработка.

Матиќ истакна дека ова е прв состанок по потпишување на Меморандумот за соработка во областа на туризмот во Охрид и дека Србија и Албанија сакаат да ја унапредат соработката и заедно да настапуваат на пазарите како Кина и останатите азиски држави.

Матиќ најави дека српската национална авиокомпанија „Ер Србија“ планира директни летови за Кина кон крајот на оваа година.

„Сметаме дека заедничките настапи значително би придонеле кон зголемување на доаѓањето на туристите во овој регион“, рече Матиќ.

Таа додаде дека минатогодишната туристичка сезона во Србија покажала адаптибилност и дека туризмот во регионот опстанал благодарејќи на домашните туристи и добрата регионална поврзаност. Истакна дека Србија бележи раст на бројот на домашни и странски туристи за повеќе од 63 отсто и дека во првите четири месеци се остварени повеќе од 1,7 милиони доаѓања и пет милиони ноќевања.

Мирела Кумбаро Фурки рече дека соработката на Србија и Албанија не е само политичка, туку дека таа постои и во приватниот сектор и дека тоа придонесува туризмот да има добри резултати на патот на успехот. Таа рече дека Албанија во 2019 година, која се памети како една од најдобрите туристички години, имаше 6,4 милиони туристи.

„Во 2021 година за која се очекуваше да биде добра година, имавме само 5,6 милиони турисит, туристи од Србија беа значаен дел од туристите, забележан е голем раст од 110 отсто во однос на 2019 година. Тоа е резултат на подобра комуникација“, рече Кумбаро Фурки и додаде дека иницијативата „Отворен Балкан“ создаде дух на комуникација неопходен за туризмот.

Според неа, во првите пет месеци од оваа година Албанија има зголемување на туристите од 55 отсто и 20 отсто зголемување на туристите од Србија.

AA
Популарни