Шестчлено семејство загина во пожар утрово во нивната куќа во населбата Салајка.
Таткото Данијел А. (29), мајката Маја С. (23) заедно со четирите малолетни деца на возраст од 2, 4, 5 и 7 години починале од задушување. Сите спиеле во една соба од куќата кога избувнал пожарот.
Според првичните неофицијални информации, пожарот избувнал од батерија на електричен скутер кој бил приклучен на електричната мрежа.
Истрагата се уште трае на местото на трагедијата во Салајка, една од најстарите населби во Нови Сад.
Лекарите од итната помош пристигнале на местото на настанот во 2:45 часот, но било предоцна да направат нешто.
Таткото на Маја,кој е прв сосед и ги дели само ѕид, слушнал лелек, по што истрчале надвор и ја скршиле вратата, но не успеале да влезат бидејќи пожарот бил голем.
Со секира и токмак се обиделе да го пробијат ѕидот од другата страна за да ги спасат своите најблиски, но, за жал, не успеале.
Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ потврди дека во пожарот во Нови Сад трагично загинале шест лица, меѓу кои четири деца, на возраст од две до седум години.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека новосадските пожарникари и спасувачи пристигнале на местото за пет минути откако добиле дојава за пожарот. Тој тврди оти наводите дека пожарникарите пристигнале еден час по пријавата се апсолутно неточни.
„Наредив да ми бидат доставени целосни информации за ова и бев известен дека прегледот на системите 192 и 193 покажа дека првата пријава за пожар дошла во 2:43 часот на бројот 193, разговорот траел 52 секунди и има снимка од разговорот.
Пожарникарите пристигнале на местото на настанот во 2:48 часот и констатирале дека гори куќата со површина од околу 50 метри квадратни. Пожарот бил локализиран во 2:53 часот. Полицијата на број 192 добила известување од Одделението за вонредни состојби во 02:48 часот“, рече тој.
По повод трагичната смрт на шестчлено семејство, врз основа на Одлуката на градоначалникот Милан Ѓуриќ, 24, 25 и 26 август се прогласени за Ден на жалост на територијата на тој град.