Одлуката на судот ќе важи во иднина, што значи дека нема да се поништат огласите пред оценка на уставноста / Photo: Уставен суд на РСМ

Уставниот суд на затворена седница денеска го укина „балансерот“ алатка која се користеше при вработувањето во јавната администрација со цел да има соодветна и правична застапеност на етничките заедници.

Одлуката на судот ќе важи во иднина, што значи дека нема да се поништат огласите пред ставање на времената мерка откако највисокиот суд поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста.

Судиите расправаа по иницијатива поднесена од страна на Државната комисија за спречување на корупција во која оспорени беа делови од законот во кој припадноста на заедницата беше услов за пополнување на секое работно место.

Уставните судии расправаа за тоа дали на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста, односно дали со „балансерот“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.

„Уставниот суд денеска укина делови од одредби на Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Методологијата за планирање на вработувањата на јавниот сектор кои ги содржат зборовите „припадност на заедница, Правилникот за задолжителни елементи на јавниот оглас, Правилникот за формата и содржината на регистарот на вработените во јавен сектор”, како спротивни на Уставот“, стои во соопштението на судот.

Од Уставен објаснуваат дека со оспорените одредби Законодавецот наметнува обврска на кандидатите за административни службеници во пријавата за вработување да се изјаснат за припадност на одредена заедница, со што директно се прекршува уставното загарантирано право на слободно изразување, односно неизразување за одредена национална припадност, односно припадност на заедница.

„Уставниот суд веќе има одлучувано за вакви прашања и во предметот У.бр.92/2023 од 28.02.2024 година укина одредби од Законот за матичната евиденција и зазема став дека националната припадност е лично чувство на граѓанинот и како такво може да биде менливо, но и му остава право на избор на граѓанинот да се изјасни за својата припадност, или да не се изјасни“, информираат од Уставен.

Судот утврдил дека оспорените одредби се спротивни на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; слободното изразување на националната припадност и соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународносто право како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија загарантирани со член 8 став 1 алинеи 1, 2, ,3 и 11 од Уставот.

„Судот оцени дека не е почитуван уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, кој е утврден со член 9 од Уставот, како и правото на достапност на секое работно место, секому под еднакви услови, загарантирани со член 32 од Уставот, а со тоа и повредуваат и членовите 25 и 54 од Уставот“, соопшти Судот.

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски образложи дека решението е во корист на помалите заедници, а до политичарите апелираше да ги почитуваат нивните одлуки и да не ги политизираат и етнизираат.

„Манипулација е дека се укинуваат правата на граѓаните. Темелната вредност постои во Уставот и не можеме да ја отстраниме. Нема орган во нашата држава што не прави годишни планови за застапеност, но не случајно реков дека сега законодавецот има уставно допуштен начин како ќе го спроведе тоа. Не може да настане никаков правен вакуум. Додека законодавецот не смисли решение што повторно ќе биде во рамките на нашата одлука, стапуваат на сцена другите уставни принципи. Ако го разгледате Уставот, единствен принцип за кој се залага е стручност и компетентност“, изјави Костадиновски.

Според Костадиновски, неспорно е дека „балансерот“ предизвикал многу злоупотреби, но тоа што за него е важно е дека оваа одлука треба да биде поздравена од помалите заедници, а не „да треперат дека правата им се злоупотребени“.

„Помалите заедници се жртва на злоупотреба на овој механизам. Македонци се запишуваа како Албанци, Турци, Власи за да се вработат, а потоа по еден месец ќе го променат чувството на етничка припадност, што е исто така загарантирано со Устав. Со ваквиот пристап, ова одеше во штета на помалите етнички заедници“, рече Костадиновски.

Одлуката на судот ги подели ставовите во политичкиот блок, Биљал Касами од коалицијата Вреди изјави дека за ,,балансерот,, и за упореба на албанскиот јазик ќе се носи ново законско решение. Претходно Изет Меџити изјави дека механизмот е девалвиран и со неговото укинување албанците во земјава не губат ништо.

ДУИ пак одлуката ја оценија како почеток на уништувањето на меѓуетничките односи, што ќе отвори нови проблеми, кои, како што наведоа од партијата, ќе доведат до рушење на основните темели на Охридскиот договор.

Министерот за администрација Минчев неколку пати изјави дека алатката се злоупотребува односно Македонци се пишуваат Албанци или Роми и обратно.


TRT Balkan / агенции
Популарни