Жителите на валандовското село Казандол во 21 век се соочуваат со проблеми со целосен недостиг на вода и прекини во снабдувањето со електрична енергија, јавува Анадолу.
Казандол е село со околу 400 жители, од кои околу 70 се деца, се наоѓа во јужниот дел на територијата на Општина Валандово, а неговиот атар допира до Општина Богданци. Ридското село лежи на надморска височина од 350 метри, и од градот Валандово е оддалечено 8 километри.
Како што велат жителите, пред десетина години со помош на приватен инвеститор ископан е бунар. Но, поради пресушување на бунарот од кој селото се снабдувало со вода за домаќинствата, речиси еден месец жителите се оставени без елементарни услови за живот. Немаат вода за основните потреби во домовите, ниту за напојување на стоката, со оглед на тоа што станува збор за село кое доминантно се занимава со земјоделство и одгледување стока, со околу 2.000 овци, 300 крави и друга живина.
Жителите побарале помош од Општина Валандово и од другите надлежни институции, но засега немало никаква реакција ниту одговор на нивните барања за обезбедување на нормално водоснабдување на селото. Во ваква ситуација тие мораат да се снаоѓаат како знаат и умеат и се принудени со канистри да носат вода од Валандово само за да можат да ги задоволат основните хигиенски потреби во домот. Проблемот го отежнуваат и високите температури.
Дополнително, селото Казандол подолг период се соочува и со проблеми во снабдувањето со електрична енергија. Жителите се револтирани што електричната мрежа е стара и тоа доведува до чести прекини во снабдувањето кои некогаш траат и по неколку часа. Предупредуваат дека дотрајаната електрична инфраструктура може да предизвика и посериозни последици и е закана по безбедноста на жителите и нивните имоти.
Имајќи ја предвид ваквата ситуација и непогодните услови за живот, жителите на Казандол апелираат и ги повикуваат сите надлежни институции во државата на локално и национално ниво, итно да најдат решение и да им „помогнат во остварувањето на основното човеково право за пристап до вода и струја во држава која претендира да биде членка на Европската Унија“.