Земјите од Блискиот Исток ќе инвестираат десетици милијарди долари во нови постројки за отсолување на морската вода и на тој начин ќе се справат со големата суша со која се соочуваат во изминатиот период како последица на климатските промени.
Со отсолувањето преку технолошки процес се отстранува солта од морската вода и потоа може да се користи како вода за пиење и покривање на потребите на домаќинствата.
Досега најголеми инвестиции во овие постројки има Саудиска Арабија. Преку нејзините 33 „фабрики за вода“ годишно може да изврши отсолување на 2.3 милијарди кубни метри морска вода.
Кралството планира до 2027 година да го зголеми дневното производство на питка вода од морињата на 7.5 милиони кубни метри.
Најмногу постројки за отсолување постојат во Иран. Оваа персиска земја располага со 75 постројки за отсолување со годишен капацитет од 164 милиони кубици вода. Иран до 2025 година исто така има амбиции да го зголеми отсолувањето на солената вода до 650.000 кубни метри дневно.
Обединетите Арапски Емирати исто така се меѓу најнапредните држави во светот со вкупни 70 постројки. Со овие капацитети земјата годишно преработува околу 1.7 милијарди метри кубни и покрива нешто над 40% од вкупните потреби за потрошувачка на вода.
Катар со само три постројки за отсолување има најголема ефикасност благодарение на големите инвестиции во технологија и опрема и има капацитет годишно да создаде 750 милиони кубни метри вода погодна за консумирање од морските ресурси со кои располага, сместена во Персискиот Залив.
Со ова производство Катар успева да задоволи половина од домашните потреби за питка вода.