Апликацијата ТикТок повторно е достапна за корисниците во САД / Photo: DPA

Компаниите Епл и Гугл соопштија дека ТикТок повторно е достапен за корисниците на Ајфон и Андроид преку соодветните маркети за апликации.

Популарната апликација за кратки видеа, во сопственост на кинеската технолошка компанија БајтДенс, беше отстранета од двете „продавници“ за апликации на 18 јануари, само неколку часа пред да стапи на сила забраната.

Иако можеа да ја користат корисниците што веќе ја имаа преземено апликацијата, ТикТок беше недостапен за нови преземања сè до вчера.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно овој месец изјави дека постои „голем интерес“ за ТикТок, а неговата администрација се обидуваше да посредува во договор за негова продажба.

„Голем интерес за ТикТок! Би било прекрасно за Кина и за сите засегнати“, напиша Трамп на својата платформа 'Truth Social'.

Тој претходно истакна дека „многу луѓе“ ќе се натпреваруваат за сопственост на ТикТок.

По преземањето на функцијата на 20 јануари Трамп потпиша извршна наредба со која се обиде да ја одложи забраната за 75 дена.

ТикТок се соочува со зголемена контрола во САД поради загриженост за националната безбедност, со закон што ѝ наложува на БајтДенс да се откаже од своите интереси во апликацијата или да се соочи со забрана.

AA
Популарни