Секоја година речиси два трилиони долари се инвестираат во чиста енергија, што е речиси двојно повеќе отколку во снабдувањето со фосилни горива / Photo: Reuters

Повеќе од половина од електричната енергија во светот до 2030 година ќе се произведува од извори со ниски емисии на стакленички гасови, но употребата на чиста енергија е далеку од компактност низ целиот свет, објави во средата Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Побарувачката за нафта, гас и јаглен се предвидува да продолжи да расте до крајот на оваа деценија, потенцијално создавајќи вишок на фосилни горива, објави ИЕА во својот извештај за светските енергетски перспективи.

„Во историјата на енергетиката бевме сведоци на ерата на јагленот и ерата на нафтата“, изјави извршниот директор на организацијата Фатих Бирол.

„Сега забрзано се движиме кон ерата на електричната енергија, која во иднина ќе го дефинира глобалниот енергетски систем базиран се повеќе на чисти извори“, додаде турскиот економист и експерт за енергетика.

Во извештајот се наведува дека чистите извори влегуваат во енергетскиот систем на невидено ниво, па така лани биле додадени 560 гигавати енергија од обновливи извори.

Секоја година речиси два трилиони долари се инвестираат во чиста енергија, што е речиси двојно повеќе отколку во снабдувањето со фосилни горива, тврди агенцијата со седиште во Париз.

„Со оглед на тоа што нуклеарната енергија е предмет на обновен интерес во многу земји, изворите со ниски емисии ќе генерираат повеќе од половина од електричната енергија во светот пред 2030 година“, се вели во извештајот.

ИЕА предупредува дека употребата на такви извори е далеку од изедначеност во технологиите и земјите.

Извештајот беше објавен еден месец пред Азербејџан да биде домаќин на климатската конференција ЦОП29 на Обединетите нации.

TRT Balkan / агенции
Популарни