3.14159265359
14 март е симболично одбран за Меѓународен ден математиката. Ако овој датум се напише во стилот месецот пред денот се добива бројот 3.14 што е симбол за математичката константа Пи која го означува размерот на обиколката на една кружница со нејзиниот пречник.
Се нарекува и Архимедова константа според старогрчкиот математичар Архимед кој прв ја пресметал точната вредност на плоштината на кругот или Лудолфов број според математичарот Лудолф ван Цојлен кој пресметувал со многу децимали. Денот на Пи се одбележува и во некои земји каде прво се означува денот пред месецот, па така одбран е 22 јули според количникот од 22:7.
Математика за сите
Годинава УНЕСКО и светските унии на математичари денот го одбележуваат под мотото „Математика за сите“, а самото лого е преведено на речиси сите светски јазици вклучувајќи го и македонскиот. Идејата е дека математиката претставува единствен универзален јазик кој може сите еднакво да го користат.
„Овој ден нека послужи да се потсетиме на математиката која е важна за сите нас, која го испишува светот и го прави разбирлив. Тоа е дар кој не пресушува, и има уште толку многу да се истражува“, порача Одри Азулај генерален директор на УНЕСКО.
Математички стрипови
За поттикнување на учениците и децата да ја засакаат математиката годинава се организира стрип предизвик. Идејата е преку училиштата и здруженијата да се испраќаат стрипови кои ќе го илустрираат концептот „Математика за сите“, а потоа стриповите ќе бидат јавно изложени во онлајн галерија на организаторите на Меѓународниот ден на математиката.
Наука за одржлив развој
Одбележувањето на математичарите се поклопува и со програмата „Наука за одржлив развој“ за периодот 2022/2023 година, со акцент на закрепнување од глобалната пандемија со Ковид-19 преку научни истражувања и иновации за јавното и општо здравје, но и поддршка на економскиот и општествениот развој преку технолошки иновации.
Овој развој не би бил возможен без примена на математиката, па затоа од УНЕСКО стави на располагање онлајн материјали и капацитети за учење и упати апели да се зголеми пристапот до знаење.
Вложување во СТЕМ
СТЕМ образованието кое опфаќа вложување во кадри кои ќе се едуцираат во науката, технологијата, инженерството и математиката е клучно за справување со модерните предизвици како вештачката интелигенција, климатски промени, енергетика, одржлив развој и подобрување на квалитетот на живот.
Математиката е неизоствен дел од СТЕМ програмите и затоа УНЕСКО ја потенцира потребата од повеќе инвестиции во математичкото образование и знаење преку глобално координирани напори.