Технологијата на „де-фи“ (децентрализирани финансии) создава нови можности за заработка, но и опасност од големи загуби и измами на штета на корисниците. Овие дигитални и крипто алатки за разлика од традиционалните финансии не се под речиси никаков надзор и регулација.
Само во 2021 година преку де-фи апликации биле проневерени над 10 милијарди американски долари, се откри во истражувањето на „Елиптик“. Пари кои ги вложиле секојдневни инвеститори, студенти, работници, родители, со надеж за заработка.
Во оптек преку де-фи платформите моментално се вртат над 143 милијарди долари, според проценките на „ДапРадар“, алатката за следење на финансиските текови на де-фи.
Новиот финансиски рај?
Над 90 милијарди долари во криптовалути се веќе инвестирани во децентрализираните платформи. Инвестираат и пензиски фондови, но и криминалци. Анонимноста и заштитата од следење на трансакциите ги прават да бидат новиот финансиски рај за перење пари.
Според аналитичката куќа „Чејналасис“, во текот на 2021 година вкупно 900 милиони долари биле испрани преку де-фи. Сите средства биле генерирани од малверзации со крипто-валути, особено на платформите каде може да се тргува помеѓу различните токени, без провизија и без даноци.
Вистинската сума на „испрани“ пари од криминални активности како нелегална трговија со дрога, оружје, порнографија и сајбер напади е многу повисока и е тешко да се утврди, потенцира „Чејналасис“ во последниот извештај.
Отворени и за бизнис и за криминал
Тоа што застрашува е дека добар дел од измамите се базираат на отворен софтвер кој може секој да го искористи, ископира и прилагоди за сопствени потреби, вклучувајќи и измамнички шеми.
Испрограмирани на нечиј лаптоп, ваквите крипто берзи или дигитални „банки“, нудат лесен пристап до финансии. Секој може да се збогати, многу брзо и многукратно од почетната инвестиција.
Колку се добива, а колку се губи
Ако вложувате во акции и обврзници никој не ви ветува добивка која изнесува двоцифрена сума на годишно ниво. Но, де-фи апликациите ветуваат удвојување на вложените пари за само 24 часа. Едноставно објаснето, ако вложите 100 долари сега, до крајот на годината веќе ќе бидете милионери.
Но, и самите платформи кои работат чесно и ги размножуваат парите на инвеститорите не се целосно безбедни. Пропустите во сајбер инфраструктурата ги прави ранливи на хакирање. Во еден од најголемите крипто-грабежи на векот, хакери успеаја да украдат над 600 милиони долари вредни криптовалути.
Дигитална финансиска писменост
Ако досега се вложуваше во финансиска писменост за штедење, инвестирање и кредитирање, корисниците се повеќе ќе треба да се едуцираат за можностите, но и опасностите на дигиталните финансиски платформи.
Брзо склопените сајтови на измамници кои раководат експресна шема за крипто инвестиции може лесно да се проверат преку интернет доменот, адресата на регистрација, бомбастичните банери со мегаломански ветувања и слични предупредувачки сигнали.
Колку што де-фи носат иновации, и зголемување на моќта на одлучување на самите корисници, толку и нивната „коцкарска“ природа ги прави се попривлечни за брзо вложување кое може да заврши со сѐ или со ништо.