Moon Landing Anniversary / Фото: AP

Потенцијалното присуство на замрзната вода и богати рудни наоѓалишта ја прават Месечината атрактивна повторно за вселенските агенции, но и за приватните компании кои сакаат да воспостават трајна месечева колонија, особено на нејзиниот Јужен пол.

Како научниците наоѓаат вода на Месечината?

Уште во 1960-те години, пред првото слетување на мисијата Аполо, научниците шпекулираа дека постои можност за присуство на вода на Месечината.

Примероците кои ги собраа екипажите на Аполо во двете активни децении на месечеви слетувања се покажаа суви.

Во 2008 година истражувачи од Универзитетот Браун повторно се навратија на месечевите примероци со нова технологија и најдоа хидроген во ситни вулкански парчиња стакло.

Во 2009 година инструмент на НАСА на сондата Чандрајан 1 на Индиската вселенска истражувачка организација откри вода на површината на Месечината.

Истата година, уште една сонда на НАСА на Јужниот пол на земјиниот природен сателит пронајде замрзната вода под месечевата површина.

Претходно мисијата Лунарен проспектор на НАСА од 1998 година пронајде докази дека висока концентрација на замрзната вода се наоѓа во засенчените кратери на јужниот страна.

Зошто е важна водата на Месечината?

За научниците од голема важност е да ги проучуваат парчињата замрзната вода кои таму стојат со милениуми, за полесно да откријат како се одвивала активноста на месечевите вулкани.

Дел од материјалите кои ги носеле кометите и астероидите, стигнале и до Земјата и учествувале во формирање на океаните.

Ако постои вода во доволни количини, може да биде извор за вода за пиење за месечевите истражувања и да помогне во ладење на опремата.

Исто така може да се искористи за производство на хидроген како гориво за ракети и кислород за дишење, во некои наредни рударски и комерцијални операции на површината на Месечината.

Спогодбата за вселената од 1967 година на Обединетите Нации забранува било која нација да положи сопственост врз Месечината. Сепак, не постојат одредби кои забрануваат комерцијални операции.

Напорите на САД за воспоставување на низа принципи за истражување на Месечината и употребата на нејзините ресурси се водат преку Протоколот Артемис кој е потпишан од 27 земји, но тоа се уште не го направиле Русија и Кина.

Што го прави Јужниот пол на Месечината тешко пристапен?

Обиди за слетување на Месечината пропаѓале и претходно. Луна 25 леталото на Русија требаше да слета на Јужниот пол оваа недела, но се изврте вон контрола при пристапувањето и се сруши на 20 август.

Јужниот пол е помалку посетуван од претходната област околу екваторот каде се водеа досегашните мисии, вклучувајќи ги и слетувањата на екипажите на Аполо, и се карактеризира со многу кратери и длабоки ровови.

Мисијата Чандрајан 3 од Индија е следна за обид за слетување на 23 август. Претходната индиска мисија од 2019 година не успеа безбедно да слета на истата област која сега е цел и на Чандрајан 3.

Исто така и САД и Кина планираат мисии на Јужниот пол на Месечината.

TRT World
Популарни