21-ви февруари во светот се одбележува како Меѓународен ден на мајчиниот јазик кој е посветен на промовирање на лингвистичката и културната разновидност како и уникатноста на секој јазик на планетата земја. Преку говорење и творење на мајчините јазици се поставува круната на традицијата која се пренесува со векови.
Активностите за промоција и ширење на мајчиниот јазик не служат само да се поттикне јазичната разновидност, туку и да се развие целосна свест за солидарност базирана врз разбирање, толеранција и дијалог.
Иако во светот денес се зборуваат околу шест илјади јазици, на половина им се заканува исчезнување. Според статистичките податоци, во последните три века има изумирање или драматично намалување на јазиците, особено на американскиот и австралискиот континент.
За еден јазик успешно да опстои потребни се активни говорници кои ќе ја продолжат традицијата на неговото негување.
Во Северна Македонија традиционално како и секоја година одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик се одбележува во амфитеатарот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје и на Лекторатите по македонистика на странските универзитети во светот каде што ќе биде одржан „Македонистички час“.
Меѓународниот ден на мајчиниот јазик се одбележува секоја година почнувајќи од февруари 2000. Датумот 21 февруари го претставува денот кога во 1952 година, биле убиени студенти од страна на полицијата во Дака, главниот град на денешен Бангладеш. Тие протестирале за признавање на нивниот јазик, Бангла, како еден од двата национални јазици на тогашниот Пакистан.
Покрај Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, на 26 септември се одбележува и Денот на европските јазици. Во 1998 година стапи во сила Европската повелба за заштита на регионалните и малцинските јазици со која, исто така, се потенцира лингвистичката разновидност и повеќејазичноста.