Помошта е дел од пакетот од една милијарда долари наменет за Западен Балкан

Осумдесет милиони евра финансиска помош за справување со енергетската криза доби Северна Македонија од Европската унија. На прес конференција во Владата македонскиот премиер Димитар Ковачевски истакна дека владините мерки и европската финансиска поддршка дале резултати при спречувањето ценовен шок и овозможиле стабилно снабдување со електрична енергија.

„Овие средства се веќе достапни и се дел од пакетот за антикризни мерки во износ од над 760 милиони евра. Оваа поддршка е највисока во регионот, тоа го потврди и Светската банка, а за оваа година во буџетот имаме издвоено 225 милиони евра за поддршка за справување со енергетската криза“, рече Ковачевски.

Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека ЕУ денес ги исполнува своите ветувања и ги потврдува своите фундаментални вредности.

„ЕУ уште еднаш докажува дека е тука за граѓаните на Северна Македонија. Уште во октомври минатата година, претседателката на Европската комисија вети помош од 80 милиони евра за граѓаните кои се борат да се справат со зголемените цени на енергијата, што е последица на руската агресија во Украина. Тоа беше гест на солидарност меѓу ЕУ и идните земји членки, затоа што се грижиме“, рече Гир.

Евроамбасадорот Дејвид Гир исто така истакна дека овие 80 милиони евра се само дел од пакетот од 1 милијарда евра што ЕУ го подготви за Западен Балкан.

Освен Гир и Ковачевски на настанот присуствуваа и други владини претставници и раководители на институции и компании од енергетскиот сектор.

TRT Balkan / агенции
Популарни