Иднината на Северна Македонија и нејзините граѓани е во рамките на ЕУ.Само заедно сме доволно силни да се соочиме со предизвиците на тешкото геостратешко опкружување, а за да стигнете во Унијата треба да продолжите да одите напред и како држава и како општество, порача денеска во Скопје високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, Пораката на Борел ја упати на заедничката прес конференција со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и македонскиот премиер Димитар Ковачевски по состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација.
Борел потенцира дека одењето напред подразбира и подобрување на односите со соседите, а во тој пакет спаѓа и создавањето услови за спроведување на уставните измени.
„Oваа година е клучна по договорот од јули минатата година, кога земјата ја доби најдобрата зделка што можеше да ја добиете и не е реално да се очекува повторно отворање и преговарање за Преговарачката рамка. На нејзина основа вашата иднина е во ЕУ. Сега е време сите политички партии да си ги преземат своите обврски и искрено да работат на продолжување на оваа патека”, додаде Борел.
Според него Советот за стабилизација и асоцијација како највисок политички форум за дијалогот помеѓу ЕУ и држава кандидат, вообичаено се одржува во Брисел или во Луксембург, а тоа што денеска првпат се одржува во Скопје, Унијата сакала да покаже колку го цени прогресот што го постигнала земјата на нејзиниот европски пат и колкаво значење му придава на односите со Северна Македонија, како нејзина идна членка.
Вархеји оптимист, но не знае дали е можно членство до 2030
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на прес конференцијата рече дека е оптимист околу зачленувањето на Северна Македонија во Европската Унија. Сепак Вархеји не прецизира дали тоа би можело да се случи пред или по 2030 година.
“Секогаш сум оптимистичен за членство во ЕУ. Тоа ми е дел од описот на работното место. Апсолутно сум оптимист. Кажавте 2030 година, тоа јас не можам да го кажам, може да биде порано, може да биде подоцна. Се зависи од испораката на реформите од страна на Северна Македонија. Ние од наша страна сметам дека дадовме многу јасни и силни сигнали, ако ги погледнете дискусиите на нашите шефови на влади и држави изминатите години ќе видите дека проширувањето е приоритет за нашите лидери и за ЕУ”, рече Вархеји одговарајќи на новинарско прашање.
Ковачевски: Сите да работат за стратешките цели на државата
Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски на прес – конференцијата со Борел и Вархеји истакна дека владата добила уверување дека ЕУ ќе го интензивира ангажманот и преговорите за земјата да стане членка до 2030 година.
Околу уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот и преговарачката рамка која земјата ја усвои со ЕУ, Ковачевски истакна дека поради однесувањето на опозицијата може да се случи Северна Македонија сама себе да се блокира.
“Обврска на сите политички партии е да се носат одлуки со кои се обезбедува реализација на стратешките цели на државата, а тоа е членството во ЕУ. Длабоко сум уверен дека во Собранието постои капацитет и визија за да се донесат потребните одлуки со кои државата ќе го продолжи и успешно ќе го заврши зачленувањето во ЕУ”, рече Ковачевски.