Добрите билатерални односи основа за уште подлабока соработка на двете земји     Фото: АА

„Ги поздравувам сите чекори кои Северна Македонија ги направи за приближување кон Европската Унија. Словачка и натаму ќе продолжи со континуираната поддршка на Северна Македонија да стане членка на унијата“, истакна претседателката на Словачка, Зузана Чапутова при денешната посета на Скопје.

Таа по средбата со македонскиот претседател Стево Пендаровски рече дека двете држави имаат заедничка историја, а моменталните билатерални односи се основа за уште подлабока соработка.

„Би сакала да ги поздравам сите чекори што вашата земја ги презема за приближување кон ЕУ. Словачката Република постојано ги поддржува вашите напори за пристапување и сме подготвени да ги споделиме сите наши искуства во тој дел. И да разговараме за следните чекори бидејќи Словачка веќе го мина тој пат. Подобрувањето во јавните институции и услугите за граѓаните е нешто што секогаш е важно и треба да се унапредува“, нагласи претседателката на Словачката Република.

На прес-конференцијата со Пендаровски Чапутова рече дека енергетската криза е најголемиот проблем за што треба да се најдат најдобрите и најефикасните решенија.

Според македонскиот претседател Пендаровски посетата го потврдува позитивниот тренд во развојот на билатералните односи со Словачка. Во период кога е отпочнат пристапот на Северна Македонија кон ЕУ.

„Нам ни се добредојдени словачките искуства од процесот на пристапување кон Унијата, кои сигурно ќе ни бидат од голема помош во тој процес. Во оваа пригода сакам да се заблагодарам за постојаната и исклучително гласната словачка поддршка за македонските евроинтеграции токму кога беше најтешко“, нагласи Пендаровски.

Чапутова и Пендаровски размениле мислења и за зајакнување на регионалната соработка, безбедноста, и војната во Украина.

TRT Balkan / агенции
Популарни