Политичари со македонско потекло на високи позиции во државите од регионот и Европа     Фото: TRT Balkan

Северна Македонија не е дел од Европската Унија (ЕУ), но во Европскиот парламент има пратеничка со македонско потекло. Во македонската влада нема министерство за дигитализација, но затоа Македонка е на чело на овој ресор во словенечката влада.

Херинген во Германија не е познат по многу Македонци, но градоначалникот има македонско потекло. Заменикот градоначалник за зелени површини и јавен простор во Париз исто така. Пратеничка со потекло од Северна Македонија има и во Националното Собрание на Франција. Во продолжение ви пренесуваме како овие политичари со македонско потекло стигнале до високи политички позиции во земјите од регионот и Европа.

Ирена Јовева од новинарка до европратеничка

Европратеничката Ирена Јовева веќе три години е дел од Европскиот парламент. Таа на европските избори во Словенија во 2019 година беше на листата на тогашниот премиер Марјан Шарец и ја доби довербата на граѓаните на Словенија.

Јовева претходно работеше за информативна новинска агенција во Словенија како и во една приватна телевизија. Таа е родена во Словенија, а нејзините родители се Македонци. Јовева во континуитет се залагаше за почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската унија.

Стојменова-Дух ја дигитализира Словенија

Сегашната министерка на Словенија за дигитална трансформација, Емилија Стојменова- Дух до 2002 година живееше во Северна Македонија. Родена е во Виница, а на 16 години заминала во Словенија.

Како што изјави во едно интервју за хрватските медиуми, заминала бидејќи била разочарана од политичката ситуација во родната земја. Добила стипендија на програмата за меѓународна матура во Марибор. Потоа дипломирала на Факултетот за електротехника и информатика исто така во Марибор. Подоцна докторирала во Љубљана и ја започнала академската кариера.

Во мај годинава беше избрана за министерка за дигитализација во словенечката влада.

Илиев втор пат градоначалник на Херинген

Даниел Илиев кој има македонско потекло два мандати е градоначалник на градот Херинген во Германија, источно од Франкфурт. Градот е познат по рудните богатства. Родителите на Илиев се од Радовиш, а тој е роден во Бад Херсфилд во Германија. Студирал политички науки, историја на економија и јужнославистика. Убеден е дека поради резултатите и достапноста жителите на Херинген му ја даваат довербата два мандати по ред. Илиев е член на Социјалдемократската партија на Германија 16 години.

Најдовски надлежен за зелените површини во Париз

Кристоф Најдовски во неколку мандати е избран за заменик градоначалник на Париз со различни ингеренции. Во моментов е задолжен за обновување на вегетацијата на јавниот простор, зелените површини, биолошката разновидност и состојбата на животните.

Претходно бил задолжен за транспортот и јавниот простор. Тој е роден во Париз, а има битолско потекло. Градоначалничката на Париз има триесетина заменици.

Пратеничка со македонско потекло во партијата на Макрон

Куриозитет за Франција е тоа што не само на локално туку и на државно ниво има претставник со македонско потекло. Се работи за пратеничката Лилијана Танги. Таа има македонско потекло. Нејзиниот татко е Македонец, нејзината мајка е Хрватка, а Лилијана Танги е родена во Србија.

Танги е заменик претседател на комисијата во француското Национално Собрание за соработка со Северна Македонија. Таа е пратеничка од партијата на францускиот претседател Емануел Макрон.

TRT Balkan
Популарни