Убиство, присилба, загрозување на сигурноста и спречување службено лице во вршење службено дејствие се новите дела кои се воведени со измените на Кривичниот законик во Северна Македонија во делот за заштита на новинарите во вршењето на нивните работни задачи.
Освен за новинарите, членот 6 став 8 се однесува и на лишување од живот на судија, јавен обвинител, адвокат, лекар или друг здравствен работник, што врши работи од јавен интерес. Како и службено или воено лице при работи поврзани со државната безбедност или јавниот ред и мир.
Измените на Кривичниот законик денеска беа усвоени со 85 гласа „за“ во македонското Собрание и се во насока на имплементација на Истанбулската конвенција и Директивата на ЕУ за борба против измама и се резултат на пресуди од Европскиот суд за човекови права со кои било утврдена повреда на одредбите на конвенцијата.
Во членот 122 семејното насилство се дефинира како малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психолошко, физичко или економско насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв. Вклучувајќи и закани за такви дејствија кон брачен другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и кон сегашен или поранешен брачен другар, вонбрачен партнер или лица.
Со членот 16 од Предлогот се пропишува ново кривично дело „Демнење“, сгласно одредбите од Истанбулската конвенција. За основниот облик на ова дело е пропишана парична казна или затвор до три години за оној што повторено неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друг, или со него воспоставува или настојува да воспостави од него несакан контакт со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице. Ова дело опфаќа и злоупотреба на користење на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање или други средства за комуникација, како и психичко злоставување, вознемирување или застрашување и предизвикување чувство на несигурност, вознемиреност или страв.
Доколку пак делото е сторено спрема лице со кое сторителот е или бил во интимна врска или спрема дете, пропишана е казна затвор од шест месеци до пет години.
Едни од најзначајните новини во однос на имплементацијата на одредбите на Истанбулската конвенција се членовите 20, 21, 22, 23 и 24 од законот. Со членот 20 се пропишува единствено кривично дело полов напад и силување како и делото полово вознемирување при што, е пропишана парична казна или со затвор до една година.