Францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека е најден компромис     Фото: Ројтерс

„Најден е компромис“, изјави Емануел Макрон, претседателот на Франција за преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија, на последниот ден од француското претседателство со Европската Унија.

Макрон, кој присуствува на Самитот на НАТО во Мадрид, смета дека е најдено компромисно решение за преговарачката рамка со која Северна Македонија ќе може да ги започне преговорите за членство во ЕУ, истовремено исполнувајќи дел од барањата на Бугарија.

Бугарија бара промена на Уставот на Северна Македонија со која ќе се овозможи впишување на Бугарите како конститутивен народ, пред почетокот на преговорите.

Влада: Основа за отворање на широк консултативен процес

„Пристигна предлог од француското претседателство до Владата на Република Северна Македонија“, соопшти прес-службата на Владата на Северна Македонија.

Во владиното соопштение се вели дека: „Од француското претседателство пристигна предлог со идеи кои се однесуваат на нашите jaвно изнесени позиции и ставови“.

Премиерот Димитар Ковачевски досега на два наврати, еднаш од Брисел на Самитот на ЕУ со Западен Балкан, и еднаш од говорница на Собранието на Република Северна Македонија, посочи дека македонската страна не го прифаќа францускиот предлог за преговарачката рамка.

Димитар Ковачевски на два наврати го одби предлогот     Фото: AA

Ковачевски потенцираше дека билатерални прашања за идентитетот, јазикот и историјата не може да бидат поставени како услови за членство од земја членка на ЕУ, ниту пак за членство во било која друга организација.

Сега, од Владата на Северна Македонија посочуваат дека предлогот кој пристигна ќе биде: „Основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со Претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата“.

„Францускиот предлог“ со измени беше изгласан со мнозинство во Собранието на Бугарија, но како таков не е дел од заклучоците на ЕУ.

Дипломатските напори на Франција одат во правец да се постигне успех за евроинтегративниот процес на Западен Балкан, вклучувајќи ги Северна Македонија и Албанија кои треба да ги одржат првите меѓувладини конференции и со тоа формално да ги започнат преговорите за членство.

„Сакаме да упатиме благодарност до Претседателот Макрон и француското претседателство, за нивните напори да се надминат пречките и да се зачува европскиот кредибилитет на Балканот“ стои во заклучокот од соопштението на Владата.

Бугарија стави вето на преговарачката рамка на Северна Македонија во ноември 2020 година. Тогашната министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева образложуваше дека „патот на Северна Македонија е долг, таа ќе може да го најде своето место во ЕУ кога ќе биде подготвена за преговори“.

Ветото на Бугарија долго време ги блокира преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ.

TRT Balkan / агенции
Популарни