Според Мицкоски стабилна влада во Бугарија може да го откочи и македонскиот пат кон ЕУ / Photo: AA

По средбите со неколкумина европски челници,македонскиот премиер Христијан Мицкоски е поголем оптимист, отколку пред шест месеци, дека со помош на меѓународните претставници може да се најде заеднички јазик со Бугарија.

На денешниот брифинг со новинарите во Скопје, Мицкоски истакна дека каков и да биде епилогот, тој не може да биде полош од моменталната ситуација во која се наоѓа државата. И дека тенденцијата на македонската страна е да нема дополнителни условувања за сметка на националните интереси.

Мицкоски телефонски разговарал со лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов кој освои најмногу мандати на последните парламентарни избори. И му посакал стабилна влада која ќе може да го откочи и македонскиот евроинтегративен пат.

На брифингот Мицкоски се осврна и на инфраструктурните проекти од регионално и пошироко значење кои повторно зависат од релациите Скопје-Софија. Еден од нив е железничката пруга во рамки на коридорот осум. Премиерот потврди дека било договорено да има заеднички проект за тунелот и Бугарија да го заврши својот дел од проектот.

Говорејќи за коридорот 10 Мицкоски рече дека брзата пруга би била готова за една и пол до две години, таа нема да чини повеќе ид два до два и пол милиони евра за километар и по неа ќе се вози со брзина од 110 до 120 километри на час.

На брифингот со новинарите Мицкоски меѓу другото рече и дека во времето на претходната власт, додека тој бил лидер на опозицијата со дронови било следено неговото движење од страна на Агенцијата за разузнавање. Но за дополнителни детали во јавност како што рече прво треба да бидат декласифицирани овие информации.

TRT Balkan
Популарни