Осетно се намалил бројот на запишани ученици за 20 години     Фото: АА / Photo: AA

За 83 000 опаднал бројот на ученици во основните и средните училишта во Северна Македонија за 20 години. Ако во 2000/2001 имало 250 000 во основно и 93 000 во средно образование, во учебната 2020/2021 година во основно образование биле запишани 190 000, а 70 000 ученици во средно образование, утврди Државниот завод за статистика. Ова се објаснува како последица на миграцијата и падот на наталитетот.

Малку запишани ученици кај ромската популација

Стапката на запишани деца во основно и средно образование е висок, над 90 проценти. Од вкупно запишаните деца во основно и средно образование 52 проценти се момчиња, а 48 проценти девојчиња.

Загрижувачка е ситуацијата кај децата од ромската популација. Во учебната 2018/2019 година, на пример, 19% од девојчињата Ромки и 18,4% од момчињата Роми не биле запишани во основно училиште. А повеќе од половина (52,8%) од сите деца Роми на возраст од 15 до 18 години не посетувале средно образование.

Какво образование бираат момчињата и девојчињата

Девојчиња во најголем дел, 53 отсто во 2019 година завршиле гимназиско образование, додека момчињата почесто завршуваат стручно образование односно околу 56 проценти.

„Родовите стереотипи играат улога во нивните одлуки да изучуваат одредени предмети. И момчињата и девојчињата се насочуваат кон областите на образование што се сметаат за соодветни области за идната работа”, утврдиле статистичарите.

Што се однесува до високото образование поголем процент од жените отколку од мажите се запишуваат во високото образование. Процентот на жени и мажи во првите години во високото образование варира од година во година, но жените постојано сочинуваат повеќе од половина од запишаните студенти.

Каква е состојбата со наставниот кадар?

Кога станува збор за наставничката професија во Северна Македонија во последните години особено има доминација на жените во основното и средното образование. Меѓу наставниот кадар во учебната 2019/2020 година имало 2,3 наставнички на еден наставник. Во средното образование пак има 1,6 наставнички на еден наставник.

Наставата во високото образование пак привлекува повеќе мажи.

„Најверојатно поради статусот и повисоката плата за работното место. Има повеќе мажи на работните места редовен професор и вонреден професор, а поголем удел на жени на пониските работни места, како што е лектор”, објави Државниот завод за статистика.

Оваа состојба почнала да се менува од учебната 2019/2020 година и бил забележан поголем процент на жени помеѓу асистентите, доцентите и професорите.

TRT Balkan
Популарни