Претседателот на македонското Собрание ги распиша седмите претседателски и единаесеттите парламентарни избори / Photo: МИА

Претседателот на македонското Собрание Јован Митрески попладнево ги распиша претседателските и парламентарните избори.

“Верувам дека во предизборниот период што претстои сите надлежни институции, но и сите инволвирани субјекти ќе дадат свој придонес да имаме фер и демократски изборен процес на ниво какво што заслужува една демократска држава, членка на НАТО, држава која го оди патот кон полноправно членство во Европската унија. Република Северна Македонија во последните изборни циклуси покажа дека има капацитет да организира европски избори во согласност со европски вредности и принципи. Како држава воспоставивме стандарди кои мора само да ги унапредуваме и надградуваме и во никој случај не смееме да дозволиме да се вратиме назад” рече Митрески на прес – конференција по распишувањето на изборите.

Според собранискиот спикер можноста граѓаните преку гласачкото ливче да го изразат сопствениот став е врвен чин на демократијата со кој тие ја определуваат својата иднина.

“Убеден сум дека и на овие избори граѓаните ќе го направат вистинскиот избор и ќе изберат иднина каква што посакуваме и каква што нашата држава заслужила”, вели Митрески.

Првиот круг на седмите претседателски избори во Северна Македонија ќе се одржи на 24 април, а вториот круг ќе се одржи на осми мај заедно со единаесеттите парламентарни избори.

TRT Balkan / агенции
Популарни