Адмиралот Бауер ќе ги посети и специјалните сили во касарната „Илинден“, а предвидено е да ја посети и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, каде што ќе одржи предавање / Photo: Министерство за одбрана на РСМ

Претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер, престојува во посета на Северна Македонија, при што беше пречекан од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

При посетата на Генералштабот и Министерството за одбрана, адмирал Бауер, исто така, се сретна и со министерката за одбрана Славјанка Петровска.

На заедничката прес-конференција по состаноците министерката Петровска рече дека Северна Македонија докажа дека е посветен сојузник, со придонесот во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Бугарија и Романија.

Таа, исто така, рече дека Северна Македонија е столб на регионалната безбедност, додавајќи дека земјата цврсто ја поддржува безбедноста на заедничката Алијанса.

„Северна Македонија, заедно со сојузниците, во Вилнус ја реафирмираше определбата за вложување на најмалку 2 процента од БДП во одбраната и ние целосно го реализираме тоа. Веќе следната 2024 година 2 процента од македонскиот БДП ќе бидат наменети за одбраната. Една третина од одбранбениот буџет веќе го вложуваме во досега најголемиот процес на модернизација и опремување на македонската армија", рече Петровска.

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, изјави дека на состанокот го информирал адмиралот Бауер за тековните процеси на вооружените сили, како и за реформите и трансформацијата на армијата.

Тој додаде дека адмиралот Бауер, освен состаноците со државниот врв, ќе ги посети и специјалните сили во касарната „Илинден“, а во текот на посетата предвидено е да ја посети и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, каде што ќе одржи предавање.

Во своето обраќање адмиралот Бауер изјави дека на состанокот разговарал и за годишната конференција на Воениот комитет на која шефовите на армиите на 31 земја членка на НАТО ќе се сретнат во Осло, Норвешка.

Тој истакна дека на годишната конференција, меѓу другото, ќе разговараат и за плановите за повеќе војници на поголемо ниво на подготвеност, развојот на способностите, како и повеќе колективни вежби и обуки.

„НАТО и планирањето на националната одбрана се поблиску интегрирани од кога било. Нашата колективна одбрана е навистина колективен напор и да се има силна национална одбрана е клучен дел од тоа. За среќа, Северна Македонија е на добар пат да го постигне тоа“, рече Бауер.

Тој ги поздрави преземените чекори за реформи во војската, како и заложбата да се инвестира најмалку 2 отсто од БДП во армијата. Адмиралот Бауер, исто така, ги поздрави и донациите и поддршката што Северна Македонија ѝ ги нуди на Украина.

Популарни