Петр Фиала, Димитар Ковачевски, Еди Рама и Урсула Фон дер Лајен     ФОТО: МИА

Пристапниот процес кон Европската Унија за Северна Македонија и Албанија влезе во нова фаза. Денеска во Брисел се одржа првата меѓувладина конференција на двете држави со ЕУ.

Северна Македонија на овој момент чекаше цели 17 години, од 2005 кога земјата го доби кандидатскиот статус. Додека Албанија е со статус земја кандидат од 2014 година.

Фон дер Лајен: Историски момент

„Каков историски момент. Северна Македонија и Албанија ги започнуваат преговорите со Европската Унија. Ова е важен успех за вас и вашите граѓани“, порача претседателката на Европската Комисија Урсула фон Дер Лајен по средбата со премиерите на Северна Македонија и Албанија Димитар Ковачевски и Еди Рама во Брисел.

Непосредно пред отворањето на првата меѓувладина конференција на двете земји со ЕУ, Фон дер Лајен истакна дека во политиката на двајцата премиери препознала лидерство, стратегија, трпение и посветеност на европските вредности.

„Вие работевте многу за да стигнете дотука и покажавте целосна посветеност на истите вредности, покажавте верба во процесот на проширување, го зајакнавте владеењето на правото, се боревте против корупцијата, имате слободни медиуми и активно цивилно општество, бројни реформи и ја унапредивте економијата”, истакна Фон дер Лајен.

Ковачевски: До 2030 година можеме да бидеме подготвени за членство

Обраќајќи се на македонски јазик премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски рече дека „овој ден за македонските граѓани е историски, долго очекуван и заслужен“.

За остварување на стратешката цел, според Ковачевски, биле направени многу мудри, храбри и државнички одлуки. Тој смета дека Северна Македонија може да биде подготвена за членство во ЕУ за осум години.

„После 17 години го правиме клучниот чекор на патот на нашиот децениски и генерациски сон за кој огромно мнозинство граѓани, политички претставници, граѓанскиот сектор, академски и научни работници, стопанственици, новинари и медиумски работници и илјадници државни службеници долги години посветено работеа. Македонското законодавство има усогласеност од 45 проценти со европското“, рече Ковачевски.

До 2030 година, според Ковачевски, земјата може да биде потполно подготвена да ги преземе обврските од членството во ЕУ за да стане членка на почетокот на следниот буџетски период на Унијата,

За билатерални прашања кои не се директно поврзани со правото на Европската Унија, Копенхашките критериуми за членство, како што кажа македонскиот премиер, нема да се разговара во текот на преговорите.

На прес-конференцијата по меѓувладината конференција Ковачевски изјави дека очекува македонската опозиција да учествува во натамошниот процес бидејќи тоа би било одговорно. Собранието е местото каде, како што рече Ковачевски, ќе биде одлучувано за секој следен чекор. Тој верува дека во иднина ќе биде постигнат консензус за клучните прашања.

Борел: Во ЕУ нема да го изгубите вашиот идентитет

Претседателот на Европскиот Совет Жозеп Борел рече дека денешниот ден се случил голем пробив кој ќе биде клучен за Северна Македонија, Западен Балкан и ЕУ.

Унијата, според него, може да напредува целосно само со интеграција на Запден Балкан. На патот кон ЕУ нема да го изгубите својот идентитет, им порача Борел на македонските граѓани.

„Живееме во време на политики на идентитети. Ние имаме неколкуслојни идентитети. Северна Македонија со својот идентитет, својата богата историја и култура секогаш била дел од Европа. Вам не ви требаат заклучоци од Советот за да го знаете тоа. Вашиот идентитет ќе биде зголемен со другите идентитети, кои не се алтернативни туку се надополнуваат”, рече Борел во излагањето на првата меѓувладина конференција Северна Македонија-ЕУ.

Вархеји: Уставните измени мора да бидат донесени

И еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји смета дека се работи за важен ден за Северна Македонија и ЕУ. Тој го поздрави Гласањето во македонското Собрание за предлог заклучоците на македонската Влада.

„Тоа беше решителен чекор и доказ за вашата одлука да продолжите на патот кон ЕУ, но и сведоштво за носење демократски одлуки во Северна Македонија. Денешната конференција е заслужено признание за она то вашата земја го постигна изминативе години во унапредувањето на реформите. Северна Македонија продолжува да ги исполнува сите услови. Продолжете со работат во зајакнувањето на демократските институции”, порача Вархеји.

Вархеји не даде конкретен одговор за тоа дали извештаите од работата на историската комисија ќе бидат услов за македонската евроинтеграција и истакна дека уставните измени мора да бидат спроведени.

Рама: Албанскиот народ никогаш не се откажа од европскиот сон

Премиерот на Албанија Еди Рама му се заблагодари на албанскиот народ за трпението и истакна дека првата меѓувладина конференција не е почеток на крајот туку крај на почетокот.

„ЕУ знаеше да се бори за сите земји членки и за нас, кои се стремиме да бидеме членки. Сакам да се заблагодарам и на германската дама Ангела Маркел без која немаше да бидеме тука како и без напорите на француското претседателство, без Емануел. Голема благодарност и до албанскиот народ кој никогаш не се откажа, не се откажа од својот сон да чекори по тој европски пат и благодарејќи на кој останавме силни и покрај три мошне сложени години”, изјави Рама.

TRT Balkan / агенции
Популарни