По повод 2 ноември, Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите, новинарските организации во Северна Македонија побараа усвојување на законските измени за поголема заштита на новинарите.
На прес-конференција одржана пред Собранието на Северна Македонија, претставници на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) повикаа напад врз новинар да се смета за напад врз професијата, а не за напад врз физичко лице.
Тие побараа од политичките партии веднаш да ги усвојат амандманите на Кривичниот законик со што нападот врз новинарите би се третирал како напад врз службено лице, и упатија повик до Собранието да демонстрира разбирање дека безбедноста на новинарите е предуслов за нивната работа.
„Денеска се навршуваат точно пет години од почетокот на иницијативата за измени на Кривичниот законик со кој новинарите и медиумските работници би добиле поголема заштита, односно нападите врз нив би се третирале по службена должност од страна на Обвинителството и државните институции“, рече Павле Беловски, в. д. претседател на ССНМ.
Тој додаде дека на оваа тема се одржале средби и со претставници на Владата, додавајќи дека поминаа 17 месеци откако Министерството за правда ги испрати измените во Собранието, но дека тие сѐ уште не се усвоени.
Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, исто така посочи дека новинарите се соочуваат со сериозна неказнивост за делата кои се вршат врз нив.
„Во 2020 година имаше 14 напади врз новинари, од кои осум беа врз новинарки, а само два се решени со судска пресуда. Во 2021 година, од пет напади, три беа врз новинарки. Во 2022 година, односно досега, имаме шест напади врз новинари и медиумски работници“, рече Чадиковски.
Претставниците на новинарските организации најавија дека ако не се изгласаат законските измени до крајот на годината, планираат да го бојкотираат работењето на Собранието.
Тие, исто така, рекоа дека ССНМ и ЗНМ се приклучуваат кон глобалната иницијатива на Меѓународната федерација на новинари и ја повикаа Владата на Северна Македонија да го поддржи усвојувањето на Конвенцијата на Обединетите нации за безбедност и независност на новинарите и другите медиумски работници.