Црвениот крст на Северна Македонија додели финансиска помош за погодените од земјотресите во Туркије и Сирија.
Црвениот крст упатува голема благодарност до сите граѓани и правни субјекти за поддршката во хуманитарната акција за помош на настраданото население од катастрофалните земјотреси во Туркије и Сирија.
„Со големо задоволство сакаме да ја информираме јавноста дека во акцијата вкупно е собрана донација на парични средства во вкупен износ од 63.380.807 денари“, се вели во соопштението.
Се истакнува дека од собраните средства, 12.427.334 денари се испратени на сметката за Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина за помош на настраданото население во Сирија, додека останатите во Туркије.
„Црвениот крст на Република Северна Македонија по направените преговори со турската Црвена полумесечина, на заеднички предлог одлучи собраните хуманитарни средства во износ од 50.909.796 денари да се наменат за изградба на училиште во градот Малатија“, се нагласува во ова соопштение.
Според соопштеното, новото училиште ќе го носи името на Северна Македонија, а 32 училници ќе ги носат имињата на градовите во државата.
„Овој акт ќе остави траен белег и доказ за солидарноста на граѓаните на Северна Македонија кон граѓаните на Туркије“, се додава во соопштението.
На 6 февруари југоисточната турска област Кахраманмараш беше епицентар на два земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени.
Земјотресите погодија 11 турски области, погодувајќи околу 14 милиони луѓе во Туркије, како и многу други во северна Сирија.