Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски смета дека земјата може во рекордно време да ги заврши преговорите за членство во Европската Унија, ако тие се базирани на реални европски критериуми, а не на историја. Пендаровски на денешната прес конференција во Скопје со неговиот германски колега Франк Валтер Штајнмаер истакна дека Северна Македонија е најдобро подготвениот кандидат за членство во историјата на ЕУ
„Јас ве уверувам, затоа што го знам нивото на подготвеност на мојата земја во однос на европските интеграции – 17 години ние се подготвуваме за овие преговори, тоа е најдолг период на подготовки на било која држава во историјата на ЕУ”, рече Пендаровски.
Причината за падот на поддршката на ЕУ во најновите анкети во Северна Македонија и регионот ја гледа главно во Брисел.
„Србија и Црна Гора кои преговараат цела деценија, не напредуваат во евроинтеграциите, додека БиХ и Косово беа комплетно заборавени во процесот на евроинтеграции се до неодамна кога Босна и Херцеговина доби препорака за кандидатски статус. Северна Македонија и Албанија до пред некој месец бевме ефективно блокирани од страна на Бугарија. Значи, не можете да им објасните на македонските граѓани зошто 17 години од различни причини ЕУ го одложува почетокот на преговорите”, изјави македонскиот претседател.
Пендаровски е убеден дека ако вратата на ЕУ се отвори за регионот и поддршката на граѓаните кон Европската унија ќе се зголеми.