Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски во редовното годишно обраќање пред пратениците во македонскoто Собрание повика на усвојување на уставните измени неопходни земјата да го продолжи процесот на отпочнување на преговорите со Европската унија. Пендаровски смета дека и опозицијата треба да ги поддржи измените на Уставот. Тој рече дека процедурата за уставните измени правно и пoлитички треба да биде кристално јасна. Внесувањето на Бугарите во Уставот според Пендаровски не е на штета на македонскиот идентитет.
„На сите пратеници треба да им се пред очи две работи: прво, дека самата содржина на конкретниот предлог, впишувањето на Бугарите и делови од други народи во Уставот, на ниту еден начин не го руши македонскиот идентитет, и второ, тие што се денес против, ако навистина веруваат дека ЕУ е нашата стратешка цел, нашата стратешка константа од 1991-та до денес и ако се денес против, како ќе гласаат за оваа уставна промена кога ќе бидат на власт”, рече македонскиот претседател во денешното обраќање.
Според Пендаровски отворањето на бугарските клубови во Северна Македонија не придонесува за градење на доверба меѓу граѓаните. Тој смета дека нема гаранција за тоа дека уставните измени ќе бидат последното барање на Бугарија.
„Бугарија и Романија се членки на Унијата петнаесет години, а неодамна беа блокирани за влез во Шенген зоната. Ако две членки на Унијата беа блокирани за влез во еден од најважните проекти на единствениот европски простор, се разбира дека никој не може да ѝ даде гаранции на земја- кандидат која тукушто ги почна преговорите кои не се праволиниски”, рече шефот на државата.
Пендаровски во обраќањето се осврна и на проблемот со корупцијата во државата и на работата на судството и обвинителството. Според него нема да има правда се додека на слобода се судиите и обвинителите кои носат скандалозни одлуки зад кои стојат коруптивни мотиви.
„Државата или ќе ги стави криминалците во затвори од затворен тип или некои од нив и понатаму со пари украдени од народот ќе продолжат градат имиџ на чесни и доблесни граѓани и ќе ги исмеваат сите станати од безбедна дистанца. Не треба да има само апсења за јавноста, туку изречени долгогодишни затворски казни и враќање на украденото, рече македонскиот претседател.
Пендаровски ги искритикува и институциите за бавното спроведување на реформите и економскиот и социјален развој.