Mакедонските судови, во изминатите пет години, само еднаш изрекле затворска казна за кривичното дело загрозување на животната средина и природата и во тоа во случај со загадување од отпад. Останатите стотина постапки пред судовите во Северна Македонија завршиле со условни пресуди или парични казни.
Кои се најчестите кривични дела?
Кривичниот законик опфаќа повеќе кривични дела за загрозување на животната средина. Сепак, во официјална постапка влегле околу 130 судски предмети за само шест видови на кривични дела против природата, а ниту еден за загадување на воздухот, во период кога Скопје беше на врвот на листата на најзагадени градови во светот.
Најголем дел од нив, според податоците на Судскиот портал на Република Северна Македонија, се за кривичните дела узурпација на недвижност, незаконит лов и риболов, мачење животни, незаконска експлоатација на минерални суровини, пустошење шума и само еден случај на пресуда за загрозување на животната средина и природата со отпад.
Во овие предмети против обвинетите биле изречени 114 пресуди од кои 81 условна осуда, 31 парична казна, една условна осуда со заштитен надзор и само една казна затвор.
„Сепак, поголемиот дел од кривичните дела остануваат непроцесуирани и без соодветна санкција“, се наведува во анализата на Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА).
Државниот инспекторат за животна средина во текот на 2021 година реализирал речиси 2.300 инспекциски надзори меѓу кои редовни, вонредни и контролни , но повел само неколку кривични постапки, додека пак стотина предмети ги водел како прекршоци за што се изрекуваат парични казни и опомени.
Многу загадувачи, ниски парични казни
Најголемиот дел од предметите завршуваат со парична каза за загадувачите и сторителите на кривични дела со кои и се наштетува на животната средина.
Според истражувањето на ЦПИА, судот најчесто изрекувал парична казна од 300 до 500 евра во денарска противвредност, а поретки биле казните кои изнесуваат од 600 до 800 евра, додека пак најретко прекршителите биле парично казнети со износот од 1.000 евра.
Според експертската анализа, овие казни се доста ниски, ако се земе во предвид огромната штета која може да се предизвика врз здравјето на луѓето, почвата, водите и воздухот, како и последиците врз животинскиот свет.
Иницијатива за зголемување на казните
Токму затоа, покрената е иницијатива за зголемување на казните во делот од Кривичниот закон кој ги опфаќа делата против природата. Тоа подразбира повисоки парични глоби, опфат и на правните лица, односно самите субјекти одговорни за сторени кривични дела против животната средина, покрај физичките лица.
Главна насока и рамка за новите прописи ќе биде Европската регулатива за заштита на животната средина, според која казните треба да ги одвратат сторителите на кривични дела од овој домен, но и да бидат соодветни на сторените повреди.