Договорот ќе биде склучен наскоро     Фото: Министерство за одбрана на Северна Македонија

Армијата на Северна Македонија од Франција ќе набави современ систем за противвоздушна одбрана. За потребата од набавката на ваков систем министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска ги запознала членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност

„Станува збор за унапредување на системот за борбена готовност на Армијата во насока на остварување на основната задача за одбрана на независноста и територијалниот интегритет и суверенитет на државата за чија цел Министерството за одбрана пристапува кон набавка на современ систем за противвоздушна одбрана, а за кој ќе склучи договор со Министерството за одбрана на Република Франција”, се вели во соопштението од македонското министерство.

Се работи за повеќегодишна набавка на систем за противвоздушна одбрана на мали височини кој треба да ја унапреди борбената готовност на Армијата, а кој е предвиден согласно Планот за опремување и модернизација на Армијата.

Како НАТО членка безбедноста на македонското небо ја гарантираат сојузничките воздухопловни сили, а набавката на системот е комплементарна со целокупниот одбранбен систем на државата.

Од Министерството за одбрана на Северна Македонија информираат дека во согласност со Законот за јавни набавки договорот ќе се склучи наскоро. Оттаму исто така истакнуваат дека две децении не е извршена набавка на систем за противвоздушна одбрана.

TRT Balkan / агенции
Популарни