Северна Македонија одбележува 81 година од Народноослободителната борба     Фото: МИА

Со нападот на полицискиот участок и телефонско-телеграфската централа во Прилеп на 11 октомври 1941 година започна македонската Народноослободителна борба. Следниот ден се активирале и партизаните од Кумановскиот одред. Северна Македонија одбележува 81 година од почетокот на Народното востание. Централната манифестација се одржа на спомен костурницата во Куманово. Одбележувањето на 11 октомври Денот на почетокот на антифашистичката борба годинава се одвива под мотото „Секогаш на вистинската страна”.

Ковачевски: Зачленувањето во ЕУ не смее да се пропушти

„Да се биде на вистинската страна значи да се избере патот на мирот и напредокот. Денес повторно нашата битка е токму таква да продолжиме по патот на мирот и прогресот без да дозволиме кој било, што било и кога било да ни го попречи овој пат“, порача македонскиот премиер Димитар Ковачевски на централната манифестација во Куманово.

Според Ковачевски и во поновата македонска историја е задржан континуитетот да се биде на вистинската страна. Тоа како што истакна се случило и во 2018 година со потпишувањето на Договорот од Преспа и зачленувањето во НАТО. Земјата како што рече Ковачевски сега се наоѓа пред предизвикот да ги реализира европските интеграции и да стане членка на Европската Унија.

“Членството во Европската унија нам ни е потребно за да го осигураме развојот на државата според европските демократски принципи и стандарди. Но и на Европската унија ние сме и потребни како стабилизирачки фактор во регионот на Западен Балкан. Оваа историска шанса не смее да се пропушти”, рече Ковачевски во обраќањето по повод 81 годишнината од почетокот на Народноослободителната борба.

Пендаровски: Антифашистичката борба да ни биде инспирација

Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски во честитката до граѓаните по повод Денот на Народното востание истакна дека 81 година по почетокот на антифашистичката борба која ја донела слободата и македонската држава заедно со целото човештво, граѓаните се исправени пред нови искушенија.

„Покрај сите здравствени, економски, безбедносни и енергетски проблеми, ние се сочуваме и со длабока поделеност во македонското општество. Како што излегувајќи во партизани, зад слободарскиот бајрак, застанаа левичари и десничари, Македонци и припадници на останатите националности, селани, работници, еснафи и поимотни, така и сега треба да се сплотиме и заеднички да се соочиме со проблемите. 11 октомври и антифашистичката борба нека ни бидат инспирација за надминување на поделбите и национално помирување преку меѓусебна почит”, вели Пендаровски во честитката.

Џафери: Се потсетуваме на генерацијата која го положи најскапоценото

Честитка по повод 11 Октомври до граѓаните упати и претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери. Во неа истакна дека на денот кога се обележува почетокот на одлучната борба против најголемото зло во историјата, фашизмот повторно се потсетуваме на генерацијата пожртвувани сограѓани кои не се двоумеа во ниту еден миг за тоа на која страна да и се приклучат и да го положат најскапоценото.

„Уверени, како што сме и ние сега во ова турбулентно време на војна во Украина, меѓутоа и на општа неизвесност во поглед на привидниот мир во светот уверени, за тоа каде да ја дадеме нашата институционална, политичка, материјална и морална поддршка како држава и како граѓани”, вели Џафери во честитката.

TRT Balkan / агенции
Популарни