Северна Македонија презема активности за евакуација на граѓаните од Судан

Северна Македонија презема активности за евакуација на граѓаните од Судан

Според македонското МНР, осумчлено семејство се наоѓа во загрозените подрачја на Судан.
Северна Македонија презема активности за евакуација на граѓаните од Судан / Photo: AA

Министерството за надворешни работи (МНР) информираше дека по добиената информација за осумчлено семејство, државјани на Северна Македонија, кое се наоѓа на загрозените подрачја на Судан, преземени се активности за евакуација на семејството.

Во соопштението на македонското МНР се вели дека е стапено во контакт со семејството преку Амбасадата во Каиро, при што е добиена потврда дека сите членови на семејството се во добра здравствена состојба.

„Министерството, преку дипломатската мрежа во регионот, е во постојана комуникација со колегите од пријателските земји, чии амбасади се сѐ уште активни на територијата на Судан. Информираме дека во тек се активности за да се обезбеди нивна скора евакуација и трансфер на безбедна локација од каде што подоцна би се обезбедил трансфер кон земјава“, стои во соопштението.

Од МНР, исто така, информираат дека четири македонски државјани претходно го напуштија Судан кон Саудиска Арабија и тие се на безбедна локација, во добра здравствена состојба и наскоро ќе бидат вратени во земјата.

„Во оваа пригода го повторуваме нашиот апел доколку има наши државјани што се наоѓаат на територијата на Судан да контактираат со Амбасадата на Република Северна Македонија во Каиро на телефон +201033615542 и е-адреса cairo@mfa.gov.mk, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби на следниов телефонски број +971 56 441 7532 и е-адреса abudabi@mfa.gov.mk, како и Министерството за надворешни работи на СОС телефонот + 389 75 273 732 и е-адреса globalsos@mfa.gov.mk“, стои во соопштението на МНР.

Утрото на 15 април во главниот град Картум и во другите градови на Судан започнаа вооружени судири меѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ).

Министерството за здравство во Судан соопшти дека во борбите животот го загубиле 528 лица, додека 4.599 се повредени.

Суданската армија и РФС соопштија дека од полноќ ќе го продолжат хуманитарниот прекин на огнот за 72 часа.

AA
Популарни