Источниот дел од Коридорот 8 кој треба со железница да ја поврзе Северна Македонија со Бугарија се најавува речиси 30 години. Беше дел од скоро сите предизборни програми на политичките партии. Сепак, пругата Куманово-Бељаковце-Крива Паланка-Граница со Бугарија уште е само желба. Последните најави се дека изградбата ќе заврши за пет години. Во продолжение прочитајте шест факти за патувањето со воз од Северна Македонија до Бугарија.
Должина на пругата
Вкупната должина на источниот дел од Коридорот 8 и поврзувањето со Бугарија треба да изнесува 89 километри. Од Куманово до Бељаковце изнесува 31 километар, делницата од Бељаковце до Крива Паланка ќе изнесува 34 километри, а од Крива Паланка до границата со Бугарија 24 километри. Освен на источниот дел се планира проширување на Коридорот 8 и на западниот дел односно од Кичево до Албанија. Овој дел од Коридорот ќе биде долг 63 километри.
План за изградба
Источниот дел од Коридорот 8 односно поврзувањето со Бугарија според плановите треба да биде готов до 2027 година. Поврзувањето кон Албанија треба да финишира во 2030 година. Вкупната должина на Коридорот 8 во Северна Македонија е 300 километри.
Исплатливост и трговска размена
Раководството на Македонски железници исплатливоста на поврзувањето кон Бугарија и кон Албанија ја гледа меѓу другото и во потенцијалот за трговска размена. Трговската размена со Бугарија се очекува да биде повеќе од една милијарда евра, а размената со Албанија да ги надмине сегашните 500 милиони евра.
Предвидувањата пред пет години беа дека со изградбата на првите две делници, транспортот на стока би бил поголем за 22 проценти, а со изградба и на третата делница за околу 46 проценти. Со ова изградбата на Куманово-Бељаковце и Бељаковце Крива Паланка во 2025 година би овозможила транспорт на 6.421 тони на ден, а со третата делница Крива Паланка -Граница со Бугарија во 2046 година би бил можен транспорт на 22.876 тони стока.
Бројките без изградба на првите две и третата делница би биле 4.967 тони односно 12.132 тони стока.
Изведувачи од Туркије и Австрија
Летово со турската компанија „Ѓулермак” и австриската компанија „Штрабаг” беа потпишани договорите за изградба на две делници. Австриската компанија „Штрабаг” треба да ја продолжи и зарши изградбата на делницата од Куманово до Бељаковце. Изградбата ќе чини 40,5 милиони евра.
Турската компанија „Ѓулермак” ќе ја изгради делницата Бељаковце-Крива Паланка. Изградбата ќе чини 155 милиони евра. За третата делница се подготвува тендерска документација.
Пет станици и девет стојалишта на две делници
На првата делница Куманово-Бељаковце според планот се предвидени три станици во Ново Куманово, Шупљи Камен и Бељаковце. Како и шест стојалишпта во Лопате, Перо Чичо, Проевце, Клечовце и Довезанце.
На втората делница Бељаковце-Крива Паланка се планирани две станици во Крива Паланка и Гиновце и три стојалишта.
24 тунели и 51 мост на третата делница
Третиот дел од поврзувањето со Бугарија делницата Крива Паланка-Граница со Бугарија е најскап и најкомплициран за изградба. Планирана е изградба на 24 тунели и 51 мост за четири години. 24 километри според првичните планови во 2017 година требаше да чинат 405 милиони евра. Од нив 216 милиони се добиени како грант од ЕУ и програмата ИПА 2.
Погледнете зошто Скопје-Софија веројатно е најкратката железница во светот што најдолго се гради.