Шолц: „Германија е сериозна со ЕУ-интеграцијата на Северна Македонија“     Фото: АА

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и германскиот канцелар, Олаф Шолц, ги поздравија добрите односи меѓу двете земји и зголемувањето на трговската размена.

Германскиот канцелар беше во официјална посета на Скопје, во рамки на својата регионална турнеја, по вчерашната посета на Србија и Косово.

На заедничката прес-конференција на двајцата лидери беше истакната и поддршката за евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија и другите земји од регионот.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за силната поддршка на Германија и рече дека тоа е охрабрување за земјата.

Тој, исто така, ги поздрави добрите трговски односи и ги повика германските компании да продолжат да инвестираат во Северна Македонија.

„Оваа година одбележуваме 29 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две земји. Во текот на овој тридецениски период, Сојузна Република Германија се постави и го задржа првото место во трговската размена со нашата земја, вредна 4,2 милијарди евра. Нешто повеќе од 45 проценти од вкупниот извоз на Северна Македонија завршува во Германија. 200 компании од Германија се партнери на македонските компании и отворија 20.000 работни места тука во земјата“, рече Ковачевски.

Канцеларот Шолц рече дека за Германија, Западен Балкан е од стратешко значење и дека се залага за зачленување на земјите од регионот во ЕУ.

Нагласувајќи дека европската перспектива им беше ветена на земјите од регионот пред 20 години, Шолц рече дека сега е време по ова ветување да следуваат дела.

„Германија е сериозна со ЕУ-интеграцијата за државите од регионот и ова важи особено за Северна Македонија. ЕУ особено кон Северна Македонија има дадено ветување, која ги исполни сите предуслови за започнување на пристапните преговори“, рече Шолц.

Тој го поздрави и постигнатиот договор меѓу Северна Македонија и Грција со кој се реши спорот за името.

Германскиот канцелар го поздрави и фактот што Северна Македонија ја поддржа позицијата на ЕУ кон Русија и воведе санкции поради руската воена агресија во Украина, додавајќи дека тоа е дополнителен доказ за европската ориентација на земјата.

Зборувајќи за билатералните односи, Шолц рече дека тие се разновидни и блиски.

„Тоа го потврдуваат бројките од нашите економски врски, што се успешна приказна. Од 2014 до 2021 година заедничката трговска размена е повеќе од дуплирана, од 2,2 на 4,7 милијарди евра“, рече Шолц.

Тој ја охрабри и регионалната економска соработка меѓу земјите од Западен Балкан, нагласувајќи дека сака да го „заживее“ Берлинскиот процес, кој започна во 2014 година и кој предвидува создавање заеднички регионален пазар.

AA
Популарни