Заштитата на границите на Северна Македонија со помош на Европската погранична и крајбрежна служба и спречување на нелегални премини. Ова е главната придобивка од договорот за Фронтекс кој на крајот на октомври минатата година го потпишаа Северна Македонија и ЕУ, а денеска доби поддршка и во македонското Собрание.
Брзо распоредување на полициски сили
Според овој договор овозможено е брзо распоредување на персонал и опрема на Фронтекс или странски полициски службеници на точките на границите кои се детектирани како критични.
„Брза гранична интервенција е акција која има за цел да одговори на состојба со специфичен и несразмерен предизвик на границите на Северна Македонија преку распоредување тимови за управување за ограничен временски период заедно со националните власти”, се вели во договорот.
Сигурната и континуирана размена на информации и податоци со воздушен надзор и сателитски снимки исто така е предвидена во ситуација на влошување на состојбата на границите. Можни се и акции на заеднички тимови од Северна Македонија и ЕУ. Се очекува Северна Македонија да има придобивки како во материјално технички така и во кадровски ресурси.
„Тимови за управување со границите се тимови формирани од постојаниот корпус на Европската гранична и крајбрежна стража кои се распоредуваат за време на заеднички операции и брзи гранични интервенции на надворешните граници на трети земји и н земји членки”, е наведено во договорот.
Заштитата на дел од границите Северна Македонија во моментов ја реализира преку посебни договори за билатерални акции со други земји. За ова се обезбедени финансиски средства и полициски службеници до крајот на 2023 година. Но според потребите на Фронтекс ќе се цени дали овие билатерални акции би продолжиле и со каков интензитет.
Северна Македонија како транзит земја
Таканаречената балканска рута преку која мигрантите заминуваат во западно европските држави го прави овој договор особено значаен. Северна Македонија како транзит земја е дел од таа рута. Договорот за Фронтекс треба да овозможи конкретна поддршка на терен за зачувување на безбедноста на границите. Европската унија на овој договор гледа и како конкретен чекор во зачувувањето на безбедноста на Унијата. Односно заштитата на македонските граници од мигрантските текови, нелегалната миграција и прекуграничниот криминал ќе значи заштита на границите на ЕУ.
„Инцидент е ситуација поврзана со илегална миграција, прекуграничен криминал или ризик по животот на мигрантите, на, долж или во близина на границите на ЕУ и Република Северна Македонија”, се вели во членот два.
Слични договори ЕУ има и со Србија, Црна Гора и Албанија, а во тек се преговори и со Босна и Херцеговина.
Фронтекс: 45 отсто од илегалните премини одат преку Балканот
На крајот на минатата година Фронтекс излезе со податоци дека западно-балканската рута останува најактивна кога се во прашање мигрантските движења. Преку неа доаѓаат 45 отсто од нелегалните премини во Европската унија од почетокот на годината.
Според податоците на Фронтекс, преку западно-балканската рута во ноември 2022 биле регистрирани 14.105 илегални премини. Тоа е најголем број на обиди за илегален премин преку оваа рута уште од 2015 година.