Меѓу кандидатите за новиот состав на шведскиот Парламент се и двајца аспиранти со македонско потекло. Се работи за Патрик Аџиевски и Ромина Туфекчиева. Тие се најдоа на кандидатските листи за народни избраници во Риксдагот на последните парламентарни избори. Утре кога се очекува да бидат објавени конечните резултати од изборите ќе се знае дали успеале да влезат во шведскиот законодавен дом.
Која партија ја претставуваат?
Аџиевски е кандидат на конзервативната партија Модерати. Патрик Аџиевски е роден и живее во Трелеборг.
„Ако бидам избран за пратеник во шведскиот Парламент ќе се борам за почитување на човековите права на македонските малцинства на Балканскиот Полуостров, ќе се борам за признавање на Македонците во Грција и Бугарија. Потребни се повеќе пратеници со македонско потекло кои можат да направат разлика”, напиша Аџиевски на Фејсбук.
Според Аџиевски, Шведска оди во погрешен правец со социјалдемократската влада.
За Ромина Туфекчиева и нејзината кандидатура нема многу податоци. Единствено е познато дека е музички продуцент и живее во Стокхолм. Таа исто така е кандидат на Модерати (Умерените).
Какви се шансите на Модерати?
Модерати е дел од десничарската коалиција која има најмногу шанси да ја состави идната шведска Влада. Првичните прогнози се дека ќе освојат 176 места од вкупно 349 во шведскиот Парламент. Модератите освоија 19 проценти од гласовите со 67 пратенички места.
Пратеници од Балканот во шведскиот Риксдаг
Во актуелниот пратенички состав во шведскиот парламент нема пратеници со македонско потекло. Но сепак има неколкумина кои се со потекло од земјите од регионот. Родени на Балканот, кои потоа заминале во Шведска или пак се родени во оваа земја.
Аднан Дибрани е пратеник од Социјалдемократската партија. Роден е во Косово во 1985 година. Во Шведска се преселил во 1989 година. Во парламентот на Шведска бил избран од изборната единица во Халанд. Студирал економија и пред да влезе во политиката бил банкарски службеник.
Денис Бегиќ е сопартиец на Аднан Дибрани. Потеклото на Денис Бегиќ е од Градишка Босна и Херцеговина иако денес живее во Стокхолм. Во април годинава Бегиќ се зачлени и во Социјалдемократската партија на БиХ.
Третиот пратеник од редот на социјалдемократите со потекло од регионот е Јасенко Омановиќ. Тој е од Бања Лука, а живее во Шведска.